Се засилува кампањата „Излези ЗА европска Македонија“ за референдумот закажан за 30 септември на коалицијата „Заедно за европска Македонија“ која ја сочинуваат 30 политички субјекти и стотина различни организации. Кампањата вчера продолжи со дебати во Дојран и во Валандово, а министерот за надворешни работи го посети Тетово.
Премиерот Зоран Заев на митингот во Валандово порача дека со референдумот во 1991 ја добивме, а со престојниот референдум на 30 септември треба да ја зацементираме независноста на Македонија.
– Тогаш ја добивме, а сега треба да ја обезбедиме иднината на Македонија со квантен скок во ЕУ и НАТО преку прифаќање на договорот за името со Грција. Без договор со Бугарија ќе беше загрозен и договорот со Грција. Со овие два договори сега имаме подадена рака од сите. Грција доби ерга омнес за името, а ние добивме ерга омнес идентитет. Вистински патриотизам е да се донесе правилна одлука и да се обезбеди државата и иднината на нашите деца. Затоа сум убеден дека ќе донесеме силна одлука и дека на 1 октомври кога ќе се разбудиме ќе ја видиме државата поставена на правилен колосек, рече Заев.
Зборувајќи за договорот со Грција, на митингот во Дојран премиерот Заев истакна дека токму тука е местото каде со јужните соседи е договорено признавањето на македонскиот јазик.
– Со премиерот на Грција, Алексис Ципрас, во текот на мај токму тука на паркингот во Дојран постигнавме договор за признавање на македонскиот јазик. Тоа се случи пред тогашниот Самит на ЕУ кога двете страни требаше да направиме исчекор и со тоа покажавме на членките на ЕУ дека сме подготвени на компромиси за постигнување договор, истакна Заев.
Преку постигнатите договори со Бугарија и Грција, нагласи, веќе немаме проблеми со признавањето на нашата земја, народот, идентитетот и јазикот.
– Добивме пријатели кои убеден сум дека силно ќе не поддржат на нашиот пат и определбата за европска Македонија. Нашата интеграција во ЕУ и НАТО преку прифаќањето на договорот со Грција е многу важна за Македонија и затоа сум убеден дека на 30 септември ќе донесеме храбра одлука, потенцира Заев во Дојран.
Министерот за надворешни работи Никола Димитров, кој кампањата за референдумот ја почна од Тетово порача дека нема никаков сомнеж дека мнозинството граѓани ќе излезат и ќе заокружат Да и додаде дека тој на 30 септември со еден цврст и голем круг ќе заокружи За.
– Мислам дека е време со крената глава, со решен проблем да си го отвориме патот. Должност на нашата генерација е да оставиме попристоен став за следната генерација. Секогаш кога Македонија имала крупен историски предизвик или крстосница нашиот народ имал мудрост да оцени што е добро за државата. Референдумот е начин да се добие политички легитимитет а народот, граѓаните да застанат зад оваа одлука заедно. Секогаш ќе има политички пресметки и ќе има превид ако ова прашање не се направи вака, рече Димитров.
Тој нагласи дека уставните промени согласно договорот со Грција ќе стапат на сила само доколку се ратификува спогодбата и од другата страна.
– Овие промени на Уставот ќе бидат согласно одредба од Уставниот закон дека ќе влезат во сила заедно со ратификација на спогодбата од другата страна. Се е врзано. Самиот референдум се споменува како можност во спогодбата, не како правило, туку услов. Меѓутоа услов е успешен уставен процес. Референдумот е потребен да се добие политичка подршка од граѓаните, ветер во грб за да дојдеме до двотретинско мнозинство (во Собранието) што ќе го заземе по ова прашање, а понатаму ќе отиде топката кај другата страна, потенцира Димитров.
Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи најави дека ДУИ на 10 септември ќе ја почне кампањата за референдумот. Во нејзини рамки, како што кажа, на граѓаните ќе им ги објаснуваат предизвиците пред кои се наоѓа земјата и придобивките од членството на Македонија во НАТО и ЕУ.
– На 10 септември ќе почнеме активна комуникација со граѓаните за да им се објасни предизвикот пред кој се наоѓа државата и иднината на генерациите што доаѓаат, како и тоа што го добиваме за возврат ако успееме Македонија да ја направиме членка на најголемата воено-политичка алијанса и да не најде во неа периодот на тешки предизвици во целиот регион, рече вицепремиерот Бујар Османи, одговарајќи на новинарско прашање по средбите што со други владини претставници и носители на јавни функции ги имаше во општина Чаир.