СДСМ, по објавување на видео снимката на ТВ Сител направена на средбата Груевски-Заев, се огласи си соопштение:
Скандалозна е видео снимката од кабинетот на Никола Груевски објавена во дневникот на провладината Сител телевизија. Тоа е класична потврда и клучен доказ за тоа кој во Република Македонија снима и следи комуникации.
Кој може друг да снима во неговиот кабинет освен Никола Груевски?
Овој пример покажува како функционира Груевски и го потрдува сето она што го зборува претседателот на СДСМ, Зоран Заев.
Еве како се следи и се снима лидерот на опозицијата. Еве како се следат и се снимаат илјадници граѓани во Република Македонија.
Прикажаниот видео материјал потврдува дека Никола Груевски ги снима оние коишто доаѓаат на политички средби во неговиот кабинет.
Пример без преседан во Европа.
Со вакото постапување Никола Груевски прави кривично дело неовластено снимање и прислушкување според член 151, став 3 и член 152 од Кривичниот закон.
Денеска Сител сето тоа го покажа на виделина пред јавноста.
Што се однесува до содржината во видео клипот, во обраќањето на 31.01.2015, претседателот Заев јасно посочи дека неверојатно е Груевски да е толку наивен и да мисли дека Зоран Заев во разговор ќе го открие идетнитетот на лицата што ги доставиле доказите до него.
Издвоени Членови од Кривичниот законик
Неовластено прислушкување и тонско снимање
Член 151
(1) Тој што со употреба на посебни уреди неовластено прислушкува или тонски снима разговор или изјава што не му е наменета, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година.
(2) Со казната од став 1 ќе се казни тој што ке му овозможи на неповикано лице да се запознае со разговор или изјава која е прислушкувана или тонски снимана.
(3) Со казната од став 1 ќе се казни и тој што тонски ќе сними изјава што му е наменета, без знаење на оној кој ја дава, со намера да ја злоупотреби или да ја пренесе врз трети лица или тој што таквата изјава непосредно ја пренесува врз трети лица.
(4) Ако делото од ставовите 1, 2 и 3 го стори службено лице во вршење на службата, ќе се казни со затвор од три месеци до три години.
(5) Службеното лице од став 4 кое делото го сторило по наредба на претпоставениот и го пријавило пред да дознае дека против него е покрената кривична постапка,ќе се ослободи од казна.
(6) Ако делото од овој член го стори правно лице, ќе се казни со парична казна.
(7) Гонењето за делото од ставовите 1, 2 и 3 се презема по приватна тужба.
Неовластено снимање
Член 152
(1) Тој што неовластено ќе направи фотогорафски, филмски или видео снимки на друго лице или на неговите лични простории без негова согласност, повредувајќи ја неговата приватност или тој што таквите снимки непосредно ги пренесува на трето лице или му ги покажува или на друг начин му овозможува со нив да се запознае, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година.
(2) Ако делото од став 1 противзаконито го стори службено лице во вршење на службата, ќе се казни со затвор од три месеци до три години.
(3) Ако делото од овој член го стори правно лице, ќе се казни со парична казна
(4) Гонењето за делото од став 1 се презема по приватна тужба.