Дури 27 земји членки на Советот на Европа повикуваат на ревизија на Европската конвенција за човекови права, за да се олесни депортацијата на мигранти. Во Стразбур пред неколку дена се потпиша заедничка Декларација со која се бара нова рамка, со став дека постојната не ги одразува современите миграциски предизвици. Овие земји од Европа бараат право на депортација на странци осудени за сериозни кривични дела дури и ако нивните семејства живеат во земјата домаќин, велат од СДСМ.
-Но, каде ќе се депортираат овие мигранти? Секако во земји кои не се членки на ЕУ како што е и Македонија. Во Албанија и Косово веќе почнаа да пристигнуваат. Зошто ова е толку многу сериозно?
Прво поради плановите на владата за мигранти во Македонија, и второ поради политиките на власта да ја држи земјата изолирана надвор од ЕУ. Намерната изолација на Македонија, надвор од ЕУ само за да може ВМРО-ДПМНЕ да испумпува пари од граѓаните е опасна и од аспект на мигрантите.
Ако ваков профил на мигранти, осудени за сериозни кривични дела, дојдат во Македонија, тоа не ќе има огромни последици и ќе ја загрози безбедноста на државата. Дополнително, проблемот е во тоа што, ако овие криминалци дојдат во Македонија, државата нема да може да продолжи со европските интеграции. Зошто? Затоа што доколку Македонија влезе во ЕУ, автоматски повторно се отвораат вратите кон Унијата и тие луѓе ќе можат повторно да заминат во земјите од кои биле депортирани.
Тие не доаѓаат затоа што ја сакаат Македонија, туку затоа што преку неа бараат пат до побогатите европски земји. Токму затоа на ВМРО-ДПМНЕ ѝ одговара Македонија да остане изолирана, без европски контроли и правосудство, полесно да се краде и да нема одговорност. Затоа не се продолжуваат разговорите, затоа се измислуваат нови изговори да не продолжи патот кон ЕУ. Не за заштита на националните интереси, туку за што поголемо оддалечување од Европската Унија. Резултатот е „win-win“ за ВМРО-ДПМНЕ: Британија добива можност да депортира мигранти за пари, а ВМРО-ДПМНЕ изолирана држава во која може непречено да продолжи со кражба. Губитници се само граѓаните и иднината на Македонија, велат од партијата.
