СДСМ тврди дека Американската агенција за борба против дрога (ДЕА) доставила информации до обвинителствата во Македонија и Србија во врска со заплената на пет тони марихуана во Србија, за која, според партијата, потекнува од земјава.
На прес-конференција, генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ, изјави дека станува збор за „скандал од огромни размери“ кој, како што рече, укажува на сериозни пропусти во институциите.
Според него, врз основа на неофицијални информации објавени во српските медиуми, двете обвинителства добиле клучни податоци од ДЕА во рамки на меѓународна соработка. Димитријевиќ праша како е можно толкава количина дрога да ја напушти Македонија и да влезе во Србија без да биде откриена.
Тој оцени дека без поддршка од структури во институциите, како МВР и Царината, ваква операција би била невозможна и ја обвини власта дека, наместо одговори, води кампања за одвлекување на вниманието на јавноста.
СДСМ побара итна, независна и транспарентна истрага за случајот, која ќе утврди кој е вмешан и како дрогата ја поминала границата. Од партијата поставија и прашање дали лице по име Симе, кое, како што тврдат, се појавува на фотографии со премиерот Христијан Мицкоски, е поврзано со случајот.
