Сценаријата за одвојување на Албанија и С. Македонија тешко изводливи во ЕУ

Од:

По првиот ден на посетата на премиерот Зоран Заев и македонската делегација во Брисел во пресрет на јунскиот ЕУ самит каде Северна Македонија сè уште се надева дека конечно формално ќе се отворат преговорите за членство во Унијата, станува јасно дека плановите за одвојување на Скопје и Тирана не наидуваат на поддршка во европските престолнини, јави дописничката на МИА од Брисел.

Заев својата посета ја започна всушност во неделата вечер кога се сретна со претставникот на ЕУ за Западен Балкан, Мирослав Лајчак, но клучните средби ги оствари вчера. Прво со еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, потоа и со претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен.

Веднаш по овие две средби, премиерот на Северна Македонија порача дека сценаријата за одвојување на Албанија и на Северна Македонија на почетокот на процесот на отпочнување на преговорите со ЕУ не се во ничиј интерес – ниту на Албанија, ниту на регионот, ниту на Европската Унија.

-Ги знаеме стојалиштата на многу земји за нас, ги знаеме и за Албанија. Наш интерес е да одиме заедно. Интерес на Албанија е да одиме заедно, да си помагаме заедно низ целиот овој процес и им посакувам на нашите соседи најдобро, исто како што им посакувам на нашите граѓани, но прагматизмот кажува дека Европа не смее ни да помисли на некои различни сигнали кои не се принципиелни, второ е невозможно. Трето, за да има следни успешни разговори, Србија-Косово, Босна и уставот, сето тоа што се разговара мора да го дадат сигналот на награда. Ние го заслуживме како никој друг пред нас, изјави вчера премиерот Заев за МИА.

Тој нагласи исто така дека безбедносен ризик постои и за тоа ги предупредил своите соговорници во Брисел.

-Постои геополитички, безбедносен и економски ризик и секаков ризик затоа што не случајно кажуваме дека друга алтернатива освен европската иднина на Северна Македонија и на цел Западен Балкан не постои. Нашата аспирација како народ, како нација е заради европските вредности, затоа сме вака определени, сето тоа укинување, замрзнување или уште чекање ги отвора сите можности за секаков вид на ризик којшто може Балканот да го вратат на оние децении кога сите не сакаме ниту да помислиме дека може да се повтори, рече македонскиот премиер.

Од Европската Комисија неколку часа подоцна дојде нова изјава преку портпаролите Ана Писонеро и Ерик Мамер дека оваа институција останува силно посветена на својата првична препорака, а тоа дека двете земји треба да ја одржат првата Меѓувладина конференција што е можно поскоро, бидејќи и двете земји ги исполнуваат условите.

Клучна е и изјавата на шефот на европската дипломатија, Јосеп Борел, дадена доцна вчера попладне, по состанокот на 27-те министри за надворешни работи на ЕУ дека не постои намера за одвојување на двете држави.

-Имаше согласност во Советот денес дека е потребно забрзување на процесот на реформи поврзани за ЕУ во регионот, сакаме исто така да се забрза процесот на приклучување и немаме намера да ги одвојуваме Северна Македонија и Албанија, изјави шефот на европската дипломатија по состанокот со 27-те министри за надворешни работи на ЕУ.

Нејасно е во овој момент зошто се појавија шпекулациите за одвојување на овие две земји. Некои дипломати сметаат дека станува збор за еден вид притисок и врз Бугарија во пресрет на јунските Совети на ЕУ кога Скопје би сакало конечно да го добие долгоочекуваното формално зелено светло за свикување на првата Меѓувладина Конференција со ЕУ, конференција со која се означува отпочнувањето на преговорите помеѓу земјата членка и ЕУ.

Но, претходно земјите членки треба да ја усвојат и преговарачката рамка за државата, рамка подготвена од Европската Комисија пред повеќе од една година. Оваа нацрт рамка не содржи никакви билатерални спорови и е фокусирана целосно на самиот реформски процес за ЕУ.

Како што посочи премиерот Заев, став кој го делат бројни земји членки на ЕУ поддржувачи на проширувањето, деблокирањето на патот на Северна Македонија ќе испрати охрабрувачки сигнал за целиот регион, кој веќе подолго време губи трпение со застојот и бавниот чекор на ЕУ интеграциите. Северна Македонија во Брисел е важна и поради нејзиниот капацитет да надминува билатерални спорови посебно во контекст на дијалогот помеѓу Белград и Приштина.

Важноста на напредокот на Северна Македонија кон ЕУ се чини ги надминува и границите на Западниот Балкан, како што посочи вчера и грузиската претседателка на средба со нејзиниот македонски колега, Стево Пендаровски.

-Ние видовме дека Северна Македонија во минатото надмина една таква пречка, би рекла посериозна пречка на нејзниот пат кон членството во НАТО. Убедена сум дека на истиот начин С Македонија ќе биде во можност да ја надмине и пречкката со која во моментов се соочува. Ние малите земји кои во минатото сме покажале издржливост, сме се соочиле со многу историски настани во изминатите векови, со инвазии, окупации, научивме дека треба да се биде отпорен, да се биде тврдоглав, да го знаете правецот во кој одите. Ние малите земји сме оптимисти бидејќи гледаме резултати. За нас Грузија резултат што С Македонија го постигна со членството во НАТО е многу силен сигнал дека врата на Алијансата е навистина отворена и дека не станува само за зборови, туку за реалност што на сите нас ни дава оптимизам. Во исто време се надевам дека тоа ќе се случи и со отворање на преговорите за пристапување , што ќе биде одличен сигнал и за Грузија бидејќи тоа е нашата заедничка перспектива, рече грузиската претседателка, Саломе Зурабишвили вчера од Скопје.

Премиерот Заев денеска ја продолжува и завршува својата дипломатска офанзива во Брисел заедно со министерот Бујар Османи и вицепремиерот Никола Димитров.

Би можело да ве интересира

Мицкоски: За мене ова е диктат, ако е ова условот за Македонија да продолжи да преговара тогаш не благодарам

Горан Наумовски

Украина и Молдавија ќе почнат преговори пред Македонија: „Проширувањето на ЕУ е секогаш политичка одлука“

A1on

(ВИДЕО) Денков: Бугарија нема да го смени ставот кон Македонија, сега преговорите се помеѓу ЕУ и Скопје

A1on

Хакер: Влезот на Северна Македонија во ЕУ е во интерес на Германија и на Унијата

Ана Ололовска

Сослушување во американскиот Сенат за влезот на С. Македонија во ЕУ, и за Западен Балкан

Ана Ололовска

Вархеји оптимист во однос на можноста за членство во ЕУ до 2030

Ана Ололовска