Од првите 30 предложени кандидати за градоначалници на СДСМ, има само три нови лица. Сите останати се досегашни градоначалници, и покрај тоа што за голем број од нив во јавноста имаше реакции за неостварени проекти од она што беше ветено во 2017 година кога ги зазедоа позициите.
Наместо Бранко Јанев, за Росоман е предложен Стојан Николов, а наместо досегашниот градоначалник Драган Тренчовски во Пехчево предложен е Славчо Пандурски, актуелен претседател на ОО на СДСМ во општината.
Ново име е и кандидатката за градоначалник на општина Петровец, Елизабета Зелениковска, член на советот во општината, каде кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Борче Митевски победи на локалните избори во 2017 година.
Од ВМРО-ДПМНЕ реагираа дека СДСМ со исти истрошени кадри оди во изборен пораз, а Заев пак, тврди дека пресудни за одлуките биле анкетите спроведени меѓу граѓаните на овие 30 општини.
„Сите овие кандидати за градоначалници и градоначалнички кои ги објавуваме во оваа прва фаза се дел од најдоброто, блиски до граѓаните, чесни, одговорни со конкретни планови и решенија. Нема поголема чест и обврска да им се служи на своите граѓани СДСМ тоа во изминатите години го правеше најдобро што можеше и ќе продолжи да го прави уште подобро и во иднина“, изјави тој.
Меѓу предложените кандидати за градоначалници, има само три жени – Миликие Халими за Арачиново, Жаклина Јовановска за Старо Нагоричане и Елизабета Зелениковска за Петровец.
Заев со месеци наназад изјавуваше дека дел од актуелните градоначалници на СДСМ повторно ќе бидат кандидати за функцијата, при што посебно издвојуваше неколку помали општини во земјава, како Валандово, Богданци, Конче, Кочани, Старо Нагоричане, Крушево, Маврово-Ростуша, Демир Капија… Сепак, тој беше дециден и дека ќе има нови лица за градоначалнички места. Сепак, ова не може да се согледа според првите триесет кандидати што се предложени за градоначалничко место од СДСМ.
Инаку, до партијата биле поднесени 630 кандидатури за градоначалници и пет илјади кандидати за советници, преку можноста за самокандидирање и постапките на партијата.
Засега како кандидати за градоначалници се утврдени Перо Костадинов за Валандово, Миликие Халими за Арачиново, Благојчо Шапов за Богданци, Зоран Зимбаков за Босилово, Велими Смилевски за Бутел, Маријан Јанев за Василево, Сашо Јанковски за Вевчани, Ивица Димитров за Виница, Роберт Бешовски за Градско, Горан Трајковски за Делчево, Лазе Петров за Демир Капија, Анго Ангов за Дојран, Борче Гиевски за Зелениково, Јордан Насев за Карбинци, Филип Темелковски за Кисела Вода, Благојчо Илиев за Конче, Томе Христовски за Крушево, Аце Велковски за Лозово, Медад Куртовски за Маврово-Ростуше, Љубе Кузмановски за Новаци, Костадин Георгиевски за Охрид, Елизабета Зелениковска за Петровец, Славчо Пандурски за Пехчево, Драган Анастасов за Пробиштип, Живко Гошаревски за Ресен, Стојан Николов за Росоман, Жаклина Јовановска за Старо Нагоричане, Горан Стојановски за Чашка, Сашко Николов за Штип и Петре Шилегов за Градот Скопје.
Заев уште претходно тврдеше дека Шилегов е еден од фаворитите на партијатаи дека е „добра спојка помеѓу сите коалициони партнери заради неговата соработка“.
На листата кандидати се најде и Ацо Велковски од СДСМ, кој, како што деновиве пишуваше „А1он“, и покраj скандалот со општинскиот шпорет, кој на лотарија го доби неговата ќерка, и избрканата трудница од работно место во Општината, доби поддршка од партијата како единствен кандидат за градоначалник на Лозово.
До крајот на овој месец, Заев, ќе има средба со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, за да се разговара за евентуална соработка на локалните избори.
Тој вчера изјави дека за општините за кои „со сигурност знаат дека ќе победат како во Струмица, Центар, Куманово, Карпош, Крива Паланка и други имињата ќе се објават во следните фази, затоа што за нив постапките ќе завршат до крајот на овој месец и средината на август“.
Втората фаза потврдени кандидати за градоначалници ќе биде објавена кон почетокот на следниот месец, а очекувањата се кон крајот на август да бидат објавени комплетно сите кандидати за градоначалници и градоначалнички.
Локалните избори треба да се одржат во втората половина на октомври.