Обвинителката Вилма Русковска која го водеше предметот „Рекет“ и го поднесе обвинението до судот, не е задоволна од изречената казна за осудениот Бојан Јовановски кој доби 9 години затвор, потенцирајќи дека очекувала да биде осуден над 10 години. За Јанева, обвинителката Русковска рече дека казната е во рамки на очекуваното од нејзина страна. Најави жалби за двете пресуди.
„Што се однесува до веќе осудената Катица Јанева очекував помеѓу седум и осум години. Тоа беа моите очекувања, а што се однесува до осудениот Бојан Јовановски апсолутно не сум задоволна. Реално не очекував под 10 години казна затвор. Жалба ќе има за двајцата, од повеќе причини. Ќе видиме што ќе каже Апелацискиот суд. Дали ги задоволив очекувањата на јавноста ќе треба да каже јавноста, не можам јас да кажам во нивно име“, рече Русковска.
Според неа, најголемиот дел од милионите земени од Орце Камчев, завршиле во џебовите на Јанева и Јовановски.
„Со оглед дека јас сметам дека најголемиот дел завршиле кај Бојан Јовановски Катица Јанева. Тоа е моето лично убедување. Со оглед на се тоа што си купувал без никаков приход, а и самите знаете, бидејќи вие доаѓате од медиумски куќи, колку чини финансирањето на месечно ниво на медиумска куќа, поготово што во тоа време, под договор на дело, во тоа време кај него беа доста истакнати новинарски имиња“, додаде Русковска.
Русковска се огради кога беше запрашана зошто предметот „Империја“ се уште не е завршен, велејќи дека не и е познато зошто толку време се водел додека бил дел од СЈО, па потоа посочи дека релативно кратко време предметот се работи во редовното Обвинителство каде е распределен сега.
„На истрагата интензивно се работеше од страна на двете колешки. Сега не закочи коронавирусот, се уште не работиме со странки, само со службени лица кои можат да бидат во просториите на Обвинителството. Така што не знам уште колку ќе им треба до завршување на истрагата. Пред да фати короната и сите овие мерки, двете колешки интензивно работеа на истрагата“, рече Русковска за случајот „Империја“.