Русковска прва алармирала дека Мијалков ќе избега, таа за „А1он“ раскажа што се случувало изминативе два дена

Од:

Обвинителката Вилма Русковска е првата личност што добила оперативни сознанија дека Сашо Мијалков може да избега пред изрекувањето на пресудата за предметот „Таргет-Тврдина“. Нејзините информации биле непотврдени, вели таа, па затоа не можело веднаш да се побара притвор. Русковска за „А1он“ вели дека нејзин извор ѝ кажал дека Мијалков ќе избега од државата преку зелениот појас на границата кај Куманово. Но, ова требало да го потврди и МВР. Агенцијата за национална безбедност за ова време немала никакви сознанија, ниту сомнежи. МВР, пак, оперативните сознанија не ги потврдило, ниту поткрепило, туку и ги вратило како документ со генералии од Мијалков за Обвинителството да може да бара притвор. Русковска за „А1он“ раскажа што се случувало во саботата и во неделата, како се одлучувало и постапувало во врска со барањето за притвор на Мијалков.

„Јас немам кристална топка за да можам да погодувам каде е и што е. Јас во саботата во 12.30 часот попладне му се јавив на министерот за внатрешни работи, а поврзано со оперативните сознанија што јас ги имам. Оперативни сознанија од мој извор. Му кажав сознанија што беа апсолутно непотврдени. Тој рече: ‘Добро Вилма, во ред, јас ќе разговарам со АНБ и ќе бидеме во контакт’. Некаде по 15:30 ми се јави и ми рече: ‘Можеш ли тоа написмено да ми го доставиш?’ Му одговорив дека можам. Јас отидов на работа, напишав и доставив. Тоа беа мои оперативни сознанија за кои немам потврда. Не знаевме колку се точни, тоа се оперативни сознанија. Околу 22.30 часот јас повторно добив известување од полиција, моето, само ми го препратија со генералии на Мијалков. И вели: ‘Да си постапувате’. Јас му се јавив на директорот на БЈБ и прашав дали АНБ има некакви сознанија, тој ми рече дека нема никакви сознанија за бегство на Мијалков. Следниот ден (недела) републичкиот обвинител ми рече: ‘Вилма, јави му се ајде на изворот, колку е информацијата точна’. Јас успеав околу пладне да го добијам изворот на телефон. Во разговор со него, од 1 до 10, сфатив дека околу 7 ми е веројатноста оти ќе избега. Кога ми се крена степенот на сознание, Ленче Ристовска и Трајче Пеливанов отидоа да изготват предлог за притвор, дојдоа кај мене да удриме печат, известувањето од МВР и моето известување до МВР да ги приложиме до судот“, вели Русковска за „А1он“.

Мијалков последен пат бил виден во хотелот „Мериот“, а оттаму му се губи секаква трага

За тоа време Мијалков бил следен од полициски службеници. Проверени се и камерите во хотелот „Мериот“, каде што последен пат бил забележан, по што му се губи трага. Таму бил заедно со сопругата Александра. Но, кога го напуштил хотелот и со кое возило, засега не покажуваат ниту снимките.

„Камерите во ‘Мериот’ се проверени. Последната информација од МВР ми е дека некаде по 15 часот, Мијалков влегува со сопругата во ‘Мериот’ и по извесно време, сопругата со возило си излегува од ‘Мериот’, оди кон дома на ‘Салвадор Алјенде’. Потоа излегува возилото на обезбедувањето на Мијалков, а потоа и возилото на Мијалков. Со тоа што, бидејќи стаклата се затемнети, не може да видат кој е внатре. Возилото отишло кон ‘Салвадор Алјенде’. Дали бил внатре или не – не можеме да кажеме, стаклата се затемнети. Во тој период телефонот бил во автомобилот. Не може да знаат дали се качил во автомобилот, не е снимено тоа од надзорните камери долу во гаражите“, додава Русковска за „А1он“.

Додека полицијата го следела возилото со кое се превезувал Мијалков, но не и Мијалков, обвинителите Ленче Ристовска и Трајче Пеливанов веќе биле во Кривичниот суд, каде што го поднеле предлогот за одредување притвор. Четири часа се чекала одлуката на судот, а за ова време му се губи трагата на Мијалков.

„Во 14.30 часот отидоа во судот. Првин им рекле да не им го даваат на службите, туку на судија. Првиот судија дошол во 15 часот и тие му го предале барањето. Јас во 16.08 часот му ѕвонам на претседателот на судот и прашувам до каде се. Тој ми вика: ‘Се размислува дали КС-совет, дали судечкиот совет да размислува за тоа’. Јас велам – добро, кажи ми. Во 18.25 часот му праќам порака и прашувам: ‘Што правиме?’. Немам одговор. Околу 18.30 или 18.35 ми се јавува Ленче Ристовска и ми вика: ‘Обвинителке, нема да биде притвор, туку ќе биде куќен притвор’. Ѝ реков добро. И толку. По 21.35 часот, ми се јавуваат дека човекот го нема. Ние како Обвинителство направивме сè. Ние ја доставивме информацијата, односно јас. Не беа потврдени информациите, така што, додека проверивме, степенот на сомневање… Помина време. Тие работи треба да ги работат разузнавачките служби, а не Обвинителството. Ние треба да добиваме информации од нив, а не обратно. Ако разузнавачките служби немале информации, а Обвинителството имало, а се покажа точна информацијата, логички е одговорот дали затаиле. Во петокот немавме оперативни сознанија. Немавме законска основа да бараме притвор“, објаснува Русковска за „А1он“.

Русковска: Ова е катастрофа

Таа вели дека Обвинителството направило максимално сè што можело и вели: „Ова е катастрофа. Многу е тешко кога немаш поддршка од други“. Засега никој не може да потврди ниту дека Мијалков ја напуштил државата преку зелениот појас од Куманово кон Србија.

„Моите информации беа дека ќе ја помине границата, дека ќе избега преку зелениот појас од Куманово. Дали е точно, дали не е, тоа уште не е проверено. Дали е точно јас не знам. Тој сигурно не би си дозволил да го снимаат на камера. Тој беше со години директор на УБК. Ќе легне на задното седиште и нема да го снимаат. Пеш ќе помине на зелениот појас, како да помине? Не можам да кажам која е крајната дестинација. Имам некои оперативни сознанија, но не можам да кажам. Додека не го потврдам тоа, не можам да стапам во контакт со земјата“, вели Русковска „А1он“.

Инаку, одземени се повеќе мобилни телефони, кои ќе бидат дадени на вештачење. Меѓу нив се и мобилните на лицата што го обезбедуваа Мијалков.

Би можело да ве интересира

Русковска: Истрагата за Драги Рашковски во завршна фаза

Ана Ололовска

Русковска: Обвинителството за организиран криминал е надлежно да ја испитува само набавката на модуларните болници

Мијалков по осум дена во „Систина“ вратен во затворот во Шутка, добил терапија против стомачни киселини

Мијалков задржан во „Систина“ откако се пожалил на болки во стомак

ВИДЕО: Со ослободувањето на Мијалков и „алфите“, судијката Александра Ристеска ја демонтира третата „бомба“ на Заев

Маја Илиевска-Пачемска

Седуммина обвинети во „Планина“ признаа вина и се спогодија со Обвинителството, најголемата казна е затвор од четири и пол години

Ана Ололовска