Документарниот филм „Травники: училиште за џелати”, беше прикажан денеска во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија, по повод 75 години од ослободувањето на логорот на смртта Аушвиц-Биркенау.
На проекцијата, организирана од Амбасадата на Руската Федерација и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија, рускиот амбасадор Сергеј Баздникин рече дека филмот раскажува за кампот за обука на германските безбедносни одреди-СС, каде што воените заробеници се подготвуваат, како што рече, за „работа“ во логорите на смртта Белзец, Собибор, Треблинка, Мајданек и Аушвиц.
-Затворениците од Аушвиц беа ослободени на 27 јануари 1945 година од страна на советските војници. Токму тие запреа една од фабриките на смртта, во која беа убиени милиони луѓе, вклучително и околу еден милион Евреи. Со одлука на Обединетите Нации, овој ден стана вечно потсетување на ѕверствата на нацистите, за монструозните злосторства кои не можат и не смеат да се оправдаат ниту да се простат, истакна амбасадорот Баздникин.
Тој рече дека придонесот на советскиот народ во Втората светска војна тешко може да се процени.
-Историската улога на СССР во поразот на фашизмот имаше огромна цена – 27 милиони човечки животи. Дури 40 проценти од убиените Евреи беа од Советскиот Сојуз, рече рускиот амбасадор.
Тој повика светот да се спротивстави на секој чин на ксенофобија и антисемитизам.
-Русија посветува приоритетно внимание на борбата против неонацизмот и нетолеранцијата. Во согласност со овие напори во рамките на ОН, на иницијатива на нашата земја, Генералното собрание секоја година усвојува резолуција против глорификација на нацизмот, рече амбасадорот Баздникин, кој истакна дека не смее да се дозволува фалсификување на историјата.
Тој и забележа на Република С.Македонија дека не ја поддржала таа резолуцијата, која не наишла на поддршка ниту од земјите на ЕУ, а САД и Украина гласале против.
Рускиот амбасадор рече дека темелите на државноста на РСМ се темелат на антифашистичката борба и оти државата во иднина ќе се вброи меѓу оние кои го поддржуваат тој документ, кој во декември 2019 година добил поддршка од 133 земји.
-И на крајот, не можам а да не ги споделам впечатоците од филмот. Сите добро знаеме за ужасите на војната, за логорите на смртта, меѓутоа, по седум и пол децении, се потешко ни е вистински да осознаеме со што се мораше да се соочи човештвото тогаш. Благодарение на ваквите филмови се пренесуваме во тие ужасни времиња и можеме да го почувствуваме целиот ужас на оваа светска трагедија, потенцира амбасадорот Баздникин.