Вчерашното протерување на рускиот дипломат нема најави дека ќе ја политизира и одложи набавката на руската вакцина за заштита од Ковид – 19. Министерот за здравство, Венко Филипче вели дека последните најави за стигнување на одредена количина од оваа вакцина од нарачаните 200.000 дози е крајот на мај.
„Во ниту еден момент за време на бројните средби, а и сега во телефонските разговори што ги имам со рускиот амбасадор нема никаква најава за политизирање на прашањето. Ниту беше така на почетокот, ниту е сега. Последните најави се дека ќе стигне одредена количина до крајот на месец мај, ќе видиме дали ќе биде така. Ќе кажам повторно, ние бевме една од земјите која што најмалку чекаше од моментот на нарачка до стигнување на првата количина, мала беше но многу брзо стигна по нарачката. Останува да видиме каква ќе биде динамиката“, рече министерот Филипче.
Тој вели дека по вчерашното протерување на рускиот дипломат од нашата земја немал комуникација со руски претставници, но сепак очекува Русија да се држи до договорената набавка.
„По вчерашниот ден не сум имал комуникација. Од таа комуникација која сум ја имал досега, која беше навистина коректна коректна, не очекувам блокади, но да видиме“, вели министерот Филипче.
Од нашата нарачка на руската вакцина „спутник В“, во март стигнаа две пратки од по 3000 дози од вкупно нарачаните 200.000.
Рокот, пак, за пристигнување на 500.000 дози од „Синовак“ е поместен. Наместо средина на мај, како што рече министерот Филипче, според последните најави тие ќе стигнат на почетокот на јуни.
Во јуни се очекуваат и 100.000 вакцини од „Фајзер“ преку Ковакс – системот, а до тогаш останува уште два понеделника да стигнуваат 7 – 10.000 вакцини од „Фајзер“ преку системот за солидарност од ЕУ. Министерот Филипче денес извести дека се уште нема динамика по која ќе стигнуваат вакцините на „Фајзер“ од нашиот директен договор.