Македонија ќе ги добие првите вакцини против Ковид-19 за 2.925 граѓани од првата пратка на „Фајзер“ со 5.850 вакцини во февруари, бројка која не може да ги задоволи ниту капацитетите за вакцинирање на една третина од здравствените работници.
Се очекува во март и во април да пристигнат уште по 17.500 вакцини против коронавирусот од „Фајзер“, а понатаму динамиката за 2021 година дополнително ќе се утврдува. Бројката од 800.000 дози вакцини е договорена со директни преговори меѓу Министерството за здравство и производителот.
Засега, само оваа бројка на вакцини за 2021 година, со која би се вакцинирале 400.000 граѓани е, условно кажано, сигурна.
Од Министерството за здравство велат дека не се знае дали останатата најавена доза од 833.000 вакцини преку Ковакс-системот ќе биде остварена годинава.
„Ковакс системот е друг механизам и преку него се обезедени 833.000 дози вакцини. Овој систем сам ја утврдува динамиката на испорака на вакцините и не се знае дали сите обезбедени вакцини од Ковакс механизмот ќе стигнат оваа 2021 година“, велат од Министерството за здравство.
Руската вакцина „Спутник V“ најверојатно отпаѓа, а од бугарската донација засега ништо
Со различни изјави и различни тајминзи излегувaа министерот за здравство Венко Филипче и премиерот Зоран Заев, соопштувајќи за бројката на вакцини и кога тие ќе пристигнат во земјава. Во меѓувреме, во Србија и во Хрватска започна да тече вакцинацијата против коронавирусот, а кај нас се уште се чека на пристигнување на фрижидерите каде што тие би се чувале.
Веднаш штом пристигнаа првите вакцини во Србија, кон крајот на декември, министерот Филипче замина за Бугарија и на прес-конференција изјави дека братската држава кон почетокот на јануари ќе ни даде вакцини како донација веднаш штом добие поголема пратка, но не прецизираше за колкав број вакцини станува збор. Засега, од оваа донација нема ништо.
„Испораката на донацијата е одлука која треба да ја донесе владата на Република Бугарија. На 22 декември 2020 година, на владина седница во Софија беше одлучено Бугарија од секоја пратка на вакцините против Ковид-19, кои директно ги купиле од производителите, дел да донира и за Северна Македонија“, велат од Министерството за здравство за „А1он“.
Русија уште пред неколку месеци ја понуди на Македонија нивната вакцина „Спутник V“, а Министерството за здравство се уште тактизира во одговорите дали воопшто се размислува да се набави оваа вакцина, но меѓу редови е јасно дека засега не е планирано нешто такво.
„Министерството за здравство, кога ја доби понудата не беа поминати сите фази на клиничките студии за вакцината Спутник 5. Засега не се водат директни преговори за набавка на таа вакцината“, велат од Министерството за здравство.
Ковид-вакцините во Македонија за првпат беа најавени од министерот Филипче кон почетокот на декември минатата година.
Тој тогаш рече дека тие ќе бидат набавени преку три механизми, односно преку Ковакс-системот на Европската Унија, преку директна набавка од компаниите кои произведуваат вакцини и преку посредство на земји членки на Европска Унија (во случајов Грција, Полска и Австрија).
Тогаш Филипче најави дека вакцинирањето ќе започне во првите два до три месеци од 2021 година, а дека специјалните фрижидери за чување на тие вакцини ќе пристигнат кон почетокот на јануари.
На самиот крај од 2020 година, Филипче ги даде првите сигнали на доцнење на вакцините, велејќи дека сите земји се соочуваат со недостаток на ковид-вакцините.
На првиот ден од Новата година, министерот изјави дека сепак е договорена пратка од компанијата „Фајзер“, но дека биле замолени да не ја објавуваат количината на дози која е договорена за набавка. Четири дена подоцна, Филипче ја објави дозата од 5.850 вакцини за Македонија.
Во прилог каква е ситуацијата во однос на набавката на вакцините против коронавирусот во дел од земјите од регионот.
СРБИЈА
Србија е првата земја во регионот која ја започна вакцинацијата – првите 4.875 дози од американската вакцина „Фајзер“ пристигнаа на 22 декември, а два дена подоцна прва се вакцинираше премиерката Ана Брнабиќ. Први се вакцинираат лицата во старечките домови, а потоа здравствените работници.
На 30 декември во земјата пристигна и руската вакцина, Спутник V и со ова Србија стана една од ретките земји каде што има вакцини од два производитела.
Државниот секретар во Министерството за здравство Мирсад Џерлек за денеска најави дека ќе пристигне нова пратка од вакцината на Фајзер, која ќе се дополнува на неделно ниво по 20.000 дози, така што во јануари Србија би требало да добие 78.000, во февруари 98.0000, а во март 114.000 дози од вакцината.
Во втората половина на јануари во Србија почнува масовна вакцинација, односно паралелна вакцинација на здравствените работници во ковид центрите. На прашањето дали граѓаните ќе можат да бираат која вакцина ќе ја примат, Џерлек изјави дека тие сите се добри и безбедни и дека ќе може да се бира, но зависно од тоа која вакцина ја има на лагер.
Претседателот на Србија Александар Вучиќ најави дека до крајот на месецов во Србија ќе има најмалку четири вакцини против коронавирусот, од различни светски производители.
ХРВАТСКА
Хрватска како членка на ЕУ учествува во заедничката набавка на вакцини што ја спроведува Европската комисија преку Ковакс-механизмот и првите вакцини на Фајзер пристигнаа на 26 декември, а почетокот на вакцинацијата почна ден подоцна.
Хрватска има нарачано речиси 6 милиони дози вакцини од различни производители до крајот на 2021, што е доволно за 70 отсто од граѓаните, пренесува Дојче Веле. Од Астра Зенека нарачани се 3,6 милиони дози, но одобрени им се 2,7 милиони поради големиот интерес од другите држави. Останатите 900.000 се нарачани од Џонсон и Џонсон. По милион дози се нарачани од Бајонтек-Фајзер и од Модерна, а 300.000 дози од кинеската вакцина.
АЛБАНИЈА
Албанскиот премиер Еди Рама на првиот ден од новата 2021 година, рече дека се обезбедни првите 500.000 вакцини од компанијата „Фајзер“.
„Албанија ги обезбеди првите 500.000 дози на вакцината од компанијата Фајзер. Мојот шопинг во Њујорк заврши успешно. Договорената количина ќе се плати веднаш врз основа на условите и стандардната постапка на компанијата со сите земји без исклучок. Првите 10.750 вакцини од овој договор ќе пристигнат во Албанија во третата недела од јануари, други 30.250 дози ќе пристигнат во февруари, а останатите, месец по месец според планот за вакцинација. Ова е најдобриот можен почеток на оваа клучна година за уништување на овој невидлив непријател“, рече Рама.
Тој додаде дека во рекордно време ја надминале неповолната позиција од коде што почнале и оти јазот што го отворила апсурдната одлука на ЕУ, е морално неприфатлив, политички несфатлив и логично неоправдан.
„Како човечко суштество се чувствував огорчено и како Европеец се чувствувам засрамен. Како премиер на Албанија, се чувствував помотивирано од кога и да е да не дозволам Албанците да се чувствуваат исклучени од можноста истовремено да се бранат со другите европејци од оваа светска војна со ризик од смрт“, рече Рама.
ЦРНА ГОРА
Министерката за здравство на Црна Гора Јелена Бориновиќ Бојовиќ пред неколку дена изјави дека вакцинацијата треба да започне кон крајот на јануари. Шефицата на канцеларијата на СЗО во Црна Гора Мина Брајовиќ очекува во првиот квартал од 2021 година да бидат вакцинирани 3 отсто од граѓаните, а во вториот квартал 20 отсто. Црна Гора поединечно преговарала и со Полска со цел да бидат обезбедени дополнителни количини вакцини.
Според податоците на организацијата „Our World in Data“ која објавува информации за вакцинацијата против коронавирус на дневна база, Израел засега е лидер по бројот на вакцинирани против Ковид-19.