Компанијата „Руле турс“ и во наредните 15 години ќе стопанисува со Автобуската станица Скопје.
На денешното усно јавно наддавање за закуп и стопанисување со Скопската автобуска, што се одржа во просториите на Град Скопје, досегашниот концесионер „Руле турс“ понуди највисока понуда, 213 милиони денари, плус ДДВ. Вкупната постигната цена изнесува над 4 милиони евра.
На јавното наддавање учествуваа и компаниите „Вардар експрес“ и СИЗ за патен сообраќај (Македонија сообраќај – АМЕРИТ) Скопје.
Од Град Скопје соопштуваат дека за јавното наддавање биле заинтересирани 7 компании од кои 5 ги исполнија условите. До денот на јавното наддавање, од овие пет компании, гарантен депозит што беше услов за учество во усното јавно наддавање доставиле 3 компании.