РСБСП: Повисоко ниво на сообраќајна култура, основен предуслов за побезбеден сообраќај

Од:

По повод 11 мај – Денот на културата во сообраќајот, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) апелира за повисоко ниво на култура во сообраќајот, со цел намалување на бројот на загинати и повредени лица во сообраќајни незгоди.

– Да се почитуваме меѓусебе, како луѓе и како учесници во сообраќајот, и да изградиме систем на општествени вредности во кој културата и етиката во сообраќајот ќе имаат важно и водечко место. Секое незнаење, некултура и непочитување има цена, но незнаењето, некултурата и непочитувањето на правилата и прописите во сообраќајот чинат изгубени човечки животи, апелираат од РСБСП.

Оттаму велат дека сообраќајната култура е специфичен вид на култура која треба да ја поседува и секојдневно да ја практикува секој учесник во сообраќајот.

– Сообраќајната култура е мошне важен елемент на безбедноста во сообраќајот и не претставува само познавање на сообраќајните правила и прописи и поседување на вештини и умеење да се управува со возило, туку истовремено претставува и навика на нивно редовно и безусловно почитување и применување. Таа претставува начин на перципирање на односите во сообраќајот, на движење и однесување кој треба да биде во насока на исполнување на општите и заеднички интереси на сите учесниците во сообраќајот, а тоа е непречено и безбедно одвивање на сообраќајот, се вели во соопштението од РСБСП.

Додаваат дека културата и етиката во сообраќајот се учат од мали нозе. Неопходно е, посочуваат, да ги учиме децата на сообраќајна култура од најрана возраст.

– Искуството покажува дека ги учиме децата на многу работи, а недоволно ги учиме за тоа како да бидат безбедни и примерни учесници во сообраќајот. Сообраќајната култура е дел од личноста на еден човекот и претставува одраз на неговиот карактер и како човек и како учесник во сообраќајот, нагласуваат од РСБСП.

Карактеристично е, додаваат во соопштението, тоа што најголем дел од учесниците во сообраќајот се единствени во ставот дека сообраќајната култура и етика не се на потребното и на посакуваното ниво, но за жал, велат од РСБСП, речиси сите ги бараат причините, вината и пропустите кај другите, а истовремено заборавајќи дека сообраќајот е сложен систем, мозаик во кои сите ние партиципираме.

– За сите учесници во сообраќајот постојат јасно дефинирани и прецизни правила и прописи кои сите треба да ги знаат, но и да ги почитуваат. Унапредување на културата, етиката и толеранцијата во сообраќајот значително ќе придонесе за побезбеден и посмирен сообраќај, односно ќе придонесе за помалку сообраќајни незгоди, помал сообраќаен метеж и помалку настрадани лица на улиците и патиштата. Бидете внимателни, одговорни, културни и толерантени учесници во сообраќајот, денес и секој друг ден, порачуваат од РСБСП.

Би можело да ве интересира

По еден ден прекин, попаднево повторно воспоставен железничкиот сообраќај во земјава

Зголемена фреквенција на возила на граничниот премин Табановце за излез и за влез во државата

125 санкционирани возачи во Скопје

Посебен режим на сообраќај во Скопје во сабота поради чествувањето на смртта на Гоце Делчев

А1он

Паднато дрво го попречува сообраќајот на патот Делчево – Пехчево

„Не користи мобилен телефон додека возиш“: Кампања на РСБСП

A1on