Германскиот министер за Европа, Михаел Рот, кој е во посета на Тирана, на средбата со министерката за Европа и надворешни работи, Олта Џачка, ја повторил позицијата на Германија за поддршка на одржувањето на првата меѓувладина конференција со Албанија и Северна Македонија, во рамките на португалското претседателство со ЕУ.
-Германија, заедно со другите земји партнери во ЕУ, е силно посветена на што поскоро решавање на сите постојни недоразбирања меѓу Северна Македонија и Бугарија за да се постигне поставената цел, рекол Рот.
Министерката Џачка посетата на министерот Рот ја оценила како уште еден јасен сигнал за посветеноста на Германија за поддршка на процесите на интеграција на Западен Балкан.
Таа ја поздравила позицијата и посветеноста на официјален Берлин, не само за време на претседателството со ЕУ, туку и потоа, за постигнување консензус во рамките на ЕУ за брзото усвојување на рамката за преговори и одржувањето на првата меѓувладина конференција.
-Ние ги завршивме домашните задачи. Работите се движат во вистинска насока, дури и во борбата против корупцијата и организираниот криминал. Ако погледнете колку работа е завршена од одлуката на Советот од март 2020 година, и покрај фактот дека последните 15 месеци беа едни од најтешките во нашата историја, разбирате колку сме посветени и одговорни за процесот на интеграција, рекла Џачка на средбата.
Министерот Рот вчера попладне имаше средба со премиерот Еди Рама, а денеска ќе се сретне и со Љуљзим Баша, лидер на најголемата опозициска сила, Демократската партја.