Токму сега е вистинското време кога Република Македонија може со право да побара од Генералното собрание на ОН, и од оние 130 земји кои веќе ја имаат признаено под уставното име, да се согласат да биде призната и во Светската организација под тоа име, со една придружна препорака, која ќе биде целосно прифатена од Македонија, дека Грција и Македонија треба да ги удвојат своите напори за да го решат нивниот билатерален спор, а со помош на Генералниот секретар и на медијаторот Метју Нимиц.
Ова е оценката на Робин О Нил, британски дипломат и прв медијатор во овој спор дадена во интервју за програмата „Порта“ на МТВ. Во неа тој го посочува значењето на неодамнешната посета на генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун на Македонија во контекст на спорот за името.
– Од овој аспект сметам дека неодамнешната посета на Македонија од страна на генералниот секретар носи и значење и поддршка. Бан Ки Мун коментираше дека тековниот спор е “жалосен“, и дека треба “неодложно“ да се реши, како и дека тој самиот е посветен да помогне во тоа, рече О Нил.
Според него, членството под уставното име не треба на никој начин да се судира со мисијата на Нимиц да им помага на Грција и Македонија да ги решат нивните билатерални разлики, иако, вели, „принуден сум да кажам дека јавните изјави кои им се припишуваат на некои говорници во Грција по посетата на генералниот секретар на Македонија не беа во согласност со позитивната атмосфера на која Бан Ки-мун повикуваше“.
Тој појаснува дека двете надворешно-политички цели на македонската Влада – што е можно побрзо членство во НАТО и во ЕУ и конечно решавање на спорот за името се поврзани, но не се идентични и додава дека Привремената спогодба од 1995 година во принцип нуди решение на првиот од двата проблема. Владата на Грција се согласи во член 11.1 од таа Спогодба дека нема да го попречи приемот на Македонија во меѓународни организации како што се НАТО и ЕУ, под името Поранешна Југословенска Република Македонија (ПЈРМ).