„Во однос на некои наслови во медиумите деновиве дека е започната „војна“ околу тарифите за водни услуги, Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија категорично ги демантира и негира дека воопшто станува збор за било каков вид на „војна“ околу ова прашање.
Реакциите од страна на раководствата во локалната самоуправа на спроведувањето на реформите во секторот води на централно ниво не се издржани. Овие реформи се започнати уште пред донесувањето на Законот за утврдување на цените на водните услуги во јануари 2016 година, кој Регулаторната комисија за енергетика има обврска да го спроведува.
Со донесувањето на овој закон, во Република Македонија за прв пат тарифите за водни услуги се формираат на транспарентен начин, по методологија која се користи во многу земји во регионот и во рамки на Европската Унија. Главната цел на методологијата е утврдените тарифи да овозможат финансиски самоодржлив систем на водни услуги.
Во однос на некои квалификации дека решенијата на Регулаторната комисија за енергетика се политички мотивирани, укажуваме дека таквите изјави се штетни за целиот реформски процес и базирани на недоволна упатеност во законските обврски и работата на комисијата.
Потенцираме дека сите пресметки на тарифите се во согласност со законската и подзаконската регулатива која и понатаму професионално и доследно ќе биде применувана од наша страна. Професионалноста во донесувањето на решенијата од страна на Регулаторната комисија за енергетика може лесно да се провери доколку за тоа се има желба и интерес.
Во однос на тарифите за водните услуги кои ги дава ЈП Водовод и Канализација Скопје, повторно укажуваме дека согласно методологијата, тарифата за снабдување со вода за пиење е утврдена на исто ниво како и постојната, додека тарифата за собирање и одведување на урбани отпадни води е утврдена на пониско ниво од постојната по која наплаќа претпријатието, што значи дека вкупниот надоместок за овие две услуги се намалува во однос на постојниот.
Воведувањето на нова тарифа за прочистување на отпадни води е согласно Законот за утврдување на цени на водните услуги и нејзината висина е неспоредлива со ниедна друга бидејќи овој вид на тарифа за прв пат се воведува за ЈП Водовод и Канализација Скопје. Доколку претпријатието смета дека со ефикасно работење ќе може да ги намали оперативните трошоци кои се презентирани во барањето до Регулаторната комисија за енергетика, може да подготви промена на барањето и да го достави на увид и одобрување од наша страна.
Воедно, укажуваме дека минималната просечна тарифа ги покрива само тековните трошоци за работењето на претпријатието, додека пак средствата кои претпријатието ги има предвидено за инвестиции се содржани во опсегот утврден со решението на Регулаторната комисија за енергетика“ се вели во соопштението на Регулаторната комисија за енергетика.