Професорот Темелко Ристески на својот ФБ профил напиша:
Прекорни прашања
Пред два дена ,на 20 јануари оваа година, благодарение на средствата за јавно информирање слушнавме ужасни вулгарни, простачки, нечовечни и недемократски зборови и мисли. Според средствата за јавно информирање постојат основи на сомнение (допрен глас) дека тоа се зборови на четири лица од власта од кои три од Министерството за внатрешни работи (еден функционер и двајца високи државни службеници), еден од Владата и двајца новинари. Начелото на презумпција на невиноста не ни дава за право да се впуштаме во казнено-правните аспекти на содржината и автентичноста на овие зборови и мисли. Надлежните органи треба да ја утврдат вистината. Затоа ние ќе се задржиме на етичкте аспекти, а во врска со нив и на некои уставни аспекти за слушнатото.
Од етичка гледна точка не е многу важно чии се тие зборови и мисли. Важно е дека тоа се зборови и мисли на луѓе, живи луѓе, возрасни, образовани и деловно способни луѓе, луѓе кои живаат, работат и делуваат тука, меѓу нас, граѓаните на Република Македонија. Си поставувам две општи прашања. Какви се тие луѓе кои можат да изговорат така ужасни зборови и мисли? Колку има култура, колку има човечко во нив, како тие луѓе да имаат толку малку смисла за човечко достоинство, слобода на личноста и демократија во време кога човечкото достоинство, слободата на личноста и демократијата се врвни идеали на човештвото? Ќе прашате зошто тоа, како тоа, зарем е можно тоа и т.н?
Јас, согласно со дијалектичкиот принцип за односот на општото кон посебното, понатаму си поставувам повеќе конкретни прашања. Еве некои од нив: Каде е културата и пристојноста на возрасни и зрели луѓе кога изговарат екстремно вулгарни псовки и простачки зборови и изрази? Каде е човечноста на луѓе кои со уживање, садизам и потценувачки компарации ( „Ееј говедо едно, маме у п…. да му е….“ „Али кога лежи доле, на улица, лежи бе као говедо“) зборуваат за очигледно неетичкото однесување кон уапсениот несреќник од страна на полицијата пред телевизиските камери (лежење 40 минути на земја, вртење на главата кон клозетот- член 37 од Кодексот на полициската етика). Колку примитивизам и нечовештво има во човек кој тврди дека ќе му пушти на несреќникот наркомани да го силуваат додека е во притвор и во човек кој тврди дека тоа за него претставува голем ќеф (а ќе му се направел уште поголем ќеф ако бил уапсен и друг лидер на опозициона паритја)? Дали тие луѓе знаат за уставната забрана на нечовечко постапување и однесување (член 11, став 2 од Уставот)? Како е можно учесниците во дијалозите да не знаат за со Уставот загарантираното право на презумпција на невиност (член 13, став 1 од Уставот) кога договаараат да дојдат телевизиски камери за да го снимаат апсењето на несреќникот? Дали учесниците во разговорот кои договараат да се сопрат автобусите со манифестанти од Прилеп знаат дека, според член 21, став 1 од Уставот, „граѓаните имаат право мирно да се собираат и да изразуваат јавен протест без претходно пријавување и без посебна дозвола?“ Каков е моралот на човек кој предлага да пуштат на телевизија „муабет“, дека уапсениот несреќник кажал нешто што не кажал „да го продаде името, да направи ова“? Има ли човечност кај лицето со женски глас кое предлага да се сотрат политичките противници, кои се исто така граѓани на Република Македонија и патриоти и чија вина е само во тоа што поинаку мислат од тоа лице и неговите сопартијци? Да ли има човечност и основни познавања за демократијата кај луѓе кои договараат да бидат истерани на улица, без работа, граѓани вработени во државните институции само затоа што во предизборната кампања, користејќи го своето демократско право (член, 20 став, 1 од Уставот), работеле за опозицијата или биле „на прес кај Рада“? Како може наведеното лице со женски глас да не реагира на информацијата за пикање на пиштол во уста на уапсениот несреќник и со тоа да му се загрозува неговиот живот или, во најблаг случај, да се нарушува неговото човечко достоинство (член 11,став 1 од Уставот вели „физичкиот и моралниот интегритет на човекот се неприкосновени“)? Како може лице кое се бави со информирање на граѓаните да ги нарече новинарите на А1 „морони“ затоа што го прашале за некакво апсење и како може да ги нарече новинарите на Телма „идиоти“ затоа што го прашувале за убиеното дете на плоштад (Мартин Нешковски -несреќниот симпатизер на ВМРО – ДПМНЕ, убиен од полицаец)? Дали тоа лице знае за одредбата на член 16, став, 3 од Уставот со која „се гарантира слободниот пристап кон информациите и слободата на примање и пренесување на информации? Како може лицето со женски глас да одговори на тоа само со „Ок ајде, ајде чао“? Каде е мајчинскиот инстинкт кој кај жените се појавува и почува да се развива од раните детски години. Зошто кај неа затаило мајчинското чувство кое го има кај секоја жена? Зошто затаило чувството на грев и сожалување кое кај жените е поизразено отколку кај мажите. Зарем во Македонија човечкиот живот станал толку ефтин, па сме дошле до тоа новинарите кои се интересираат за убиеното дете да се нарекуваат идиоти а сопственичката на женскиот глас незаинтересирано и ладно да се поздрави со нејзиниот соговоник со популарното „Ок. ајде чао“?
Одоговорот на овие и други прашања можеби лежи во нагласениот балканизам кај многу наши луѓе кој, според речникот на Вујаклија, се одликува со безначелност, борба со недопуштени средства, подметнувања, политички убиства, подмитувања, страст кон богатење, ползење пред хиерархиски повисоките и грубост кон пониските од себе и т.н.
Дај боже сето ова што го слушнав да е само лош сон. Но не, не ќе биде сон. Бев буден кога го слушав, а потоа имав прилика и да го прочитам, па затоа се одлучив да го искористам моето, со Уставот (член 16, став 1) загарантирано право на слобода на уверувањето, совеста мислата и јавно изразување на мислата и да ги напишам овие прекорни прашања.