Иницијативата за изградба на регионална депонија, во која ќе се депонира отпадот од десетте општини од Југоисточниот плански регион, за нешто помалку од три години ќе го одбележи своето полнолетство. Во овој период помпезно се најавуваше изградбата на депонијата, но концептот пропадна.
– На местото на досегашната депонија ќе се изгради нова со капацитет од еден милион и двесте илјади кубни метри. Таа ќе се простира на површина од 12 хектари. Периодот на експлоатација ќе трае 25 години. Во првите пет години во депонијата треба да се вработат 83 лица, а вкупната инвестиција е 20 милиони евра.
Така, помпезно се најавуваше изградбата на првата модерна регионална депонија во Македонија, кај Струмица, на местото на сегашната „Шапкар“ во општина Василево. Во неа австриска компанија требаше да инвестира 20 милиони евра и да стопанисува со управувањето со отпадот од општините Струмица, Василево, Босилово, Ново Село, Радовиш, Конче, Валандово, Гевгелија, Богданци и Дојран. Претходниот концепт пропадна, а главната пречка беше цената што требаше да ја плаќаат домаќинствата.
– Мораме да сфатиме еднаш конечно дека цената што се плаќа по домаќинство во Република Северна Македонија, во најголем дел од општините, е многу ниска и не нуди можност за современо управување со отпад. Цената ги покрива трошоците на собирање и одлагање на отпадот. Ние во моментот имаме одлагалишта, немаме современи депонии, имаме одлагалишта, некои ги нарекуваат и ѓубришта. Значи, мораме да размислуваме во однос на тоа, но мораме да размислуваме и за граѓаните. Не смееме да им наметнеме цени што не може да ги плаќаат. Значи, мораме да најдеме некое балансирано решение, кое ќе биде добро и за граѓаните, но ќе биде добро и за системот за управување со отпад, објаснува Каја Шукова од Министерството за животна средина и просторно планирање.
Лани во октомври повторно се поведе иницијатива за изградба на регионална депонија. Советот на градоначалници при Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, заедно со претставници од Министерството за животна средина и просторно планирање, комуналните претпријатија, Министерството за финансии, претставници од Европската банка за обнова и развој и експертска група ја почнаа постапката за менаџирање ваков вид депонии. Ангажирана е данската компанија „Кови“ од страна на ЕБОР. Проектот се однесува на четири региони – Југоисточниот, Пелагонискиот, Југозападниот и Вардарскиот регион.
– Консултантот достави предлог-модел, но поради изборите и пандемијата на КОВИД-19 работите застанаа. Ќе се рзгледува моделот и таму има повеќе решенија, меѓу кои се предлага и спојување на регионите, бидејќи некои се мали и е неисплатливо да се градат депониии во сите. Но, тоа не е финално. Најважно е што тече процесот и во наредниот период треба да се засилат активностите, рече Шукова.
Последниот обид за изградба на регионална депонија дојде до фаза на избор на концесионер и утврдување на цената што требаше да ја плаќаат домаќинствата од десетте општини од Југоисточниот плански регион. Иницијативата пропадна, а за сегашната има надеж дека ќе успее и овој регион повеќе нема да има голем број диви депонии, туку ќе има организирано собирање и одлагање на сметот и ѓубрето.