Подигнување на знаењата за адаптација на најранливите сектори кон климатските промени, размена на искуствата помеѓу земјите од регионот од ЕКРАН мрежата со цел унапредување на регионалната соработка и пристап кон идни акции и интервенции кои ќе овозможат климатски поотпорни системи, се дел од целите на дводневната регионална конференција за адаптација на климатските промени која денеска започна во Скопје.
Министерот за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири потсети дека главни ризици за регионот, според последниот извештај на меѓувладиниот панел за климатски промени, се зголемените губитоци на луѓе како и економските губитоци.
– Таквите губитоци се последица на поплавите и излевањето на реките, пораст на негативните влијанија врз здравјето и работоспособноста на луѓето поради екстремните топлотни бранови. Негативните влијанија на приносите, квалитетот на воздухот и други влијанија ја потврдуваат ранливоста на нашиот регион врз климатските промени и ја афирмира потребата за заедничко делување кон постигнување на целта на ОН за зголемување на температурата од 2 степени до крајот на векот, истакна Изаири.
Според евроамбасадорот Аиво Орав, загадувањето, глобалното затоплување, топењето на поларните капи, исчезнувањето на животински и растителни видови, губењето на човечки животи се дел од последиците на климатските промени за кои треба сериозно да се пристапи кон нивно решавање.
– Мораме да ги забавиме климатските промени и мора веднаш да дејствуваме. Меѓутоа ублажувањата и мерките не се доволни да се спречат сите ефекти, освен ублажувања мора и да се прилагодуваме, истакна Орав.
Во таа насока, додаде, дека се потребни адаптивни стратегии на сите нивоа на администрација, како на локално и национално ниво така и на меѓународно ниво. Рече дека поради разликата и природата на климатските влијанија во регионите на Европа, повеќето адаптивни иницијативи треба да се преземаат на локално ниво.
Градоначалникот на Скопје Коце Трајановски потсети дека градот Скопје е дел од повелбата од ЕУ каде 6.000 градоначалници во 2009 година потпишаа повелба со која треба да се надминат целите поставени од ЕУ за 2020 година за намалување на емисијата на јаглеродниот диоксит за најмалку 20 проценти.
– Во 2009 година градот Скопје изработи студија за енергетска ефикасност на објектите во надлежност на градот во која се опфатени 68 објекти. Тоа е документ во кој е анализирана потрушувачката на енергија и се предвидени бенефитите од енергетските и градежните зафати за секој од објектите и тоа во однос на емисии, потрошени средства и заштеди. Како резултат на потпишување на повелбата, градот го изработи својот акциоски план за одржлива енергија до 2020 година усвоен од советот на градот Скопје во 2011 година, рече Трајановски.
Даодаде дека врз основа на таа студија градот реализирал повеќе активности како што се канцеларијата за управување со енергија и инфо центарот за енергетска ефикасност, изготвената програма за енергетска ефикасност за период од 2012 до 2015 година, проекти за реконструкција на средните училишта во надлежност на Скопје.