Рецензија на вестите на МРТ, 21.04.2015 – Јавниот сервис искористен за пресметка со опозицијата и тешки обвинувања за предавство
Рецензија 21.04.2015
Вести на МРТ во 17:00, уредник и водител: Мартин Пушевски
Рецензија:
Вестите започнуваат со следните најави:
Тероризам – Инцидент во Гошинце
„Република Македонија односно државните институции утринава беа цел на терористички напад“, цитат на портпаролот на МВР, Иво Котевски, по што следува најава од водителот – „40-члена вооружена група од Косово ја нападнала караулата во Гошинце во близина на границата. Малтретирале четворица полицајци и се заканувале. Напаѓачите носеле униформи на УЧК, велат од МВР. Денеска на теренот е мирно, полицијата го контролира местото“.
Дипломатија – Советот на Европа со став за Македонија
Парламентарното собрание децидно – местото на опозицијата е во Парламентот. На средбата Николовски-Брасер разговарано за случајот „Пуч“ и за објавувањето прислушкувани разговори. Делегација на Советот на Европа доаѓа во Македонија.
Брисел – Европски пари за балканската инфраструктура
Премиерите од регионот во Брисел по европските пари. Милијарда евра ќе биде вложена во инфраструктурни проекти во земјите од западен Балкан. Добрата поврзаност – клуч за поконкурентни економии.
Египет – Морси осуден на 20 години затвор
20 години казна затвор без право за предвремено ослободување. Египетскиот суд ја соопшти пресудата за поранешниот претседател Мухамед Морси. Прогласен е за виновен по обвиненијата за насилство и апсење на демонстранти извршени за време на неговиот мандат.
Содржина:
– Првиот прилог во вестите е за настанот на денот, односно за инцидентот во Гошинце. На телопот на екранот е испишано „МВР – Терористички напад врз полицијата во Гошинце“ а целосниот прилог е заснован единствено на кратката прес конференција на портпаролот на МВР, Иво Котевски. Пуштени се две тонски парчиња (извадоци од прес конференцијата), а во остатокот од прилогот новинарката ги пренесува информациите од МВР од каде го квалификуваат нападот како терористички напад врз Република Македонија односно државните институции. Нема ниту една информација од друг (независен) извор.
– Втората содржина во вестите е телефонско вклучување од терен на репортер кој се наоѓа во липковскиот регион. Тој известува дека ситуацијата на теренот е мирна, како и дека полицијата не дозволила на екипата на телевизијата да се упати до местото каде се случил инцидентот поради безбедност.
– Третата содржина е соопштението на ВМРО-ДПМНЕ со осуда за инцидентот и повик до институциите за расчистување на случајот. Водителот го прочита целото соопштение од владејачката партија. Веднаш по ова, целосно беше прочитано и соопштението од ДУИ за инцидентот. Во вестите немаше соопштенија од други партии и организации кои исто така реагираа, меѓу кои и најголемата опозициска партија СДСМ, но мора да напоменеме дека соопштението на оваа партија беше испратено до медиумите нешто по 17 часот, односно по започнувањето на вестите.
– Следната содржина во вестите беше анализа за случајот. На телопот на екранот пишуваше „Сценариото идентично како во 2001-вата?!“ а на темата коментираа двајца новинари кои се блиски до власта и вообичаено застапуваат провладини ставови – Мирка Велиновска и Цветин Чилиманов. Гледачите кои подолго време ја следат политичката сцена и работата на МРТ можеа да претпостават што ќе биде поентата на прилогот уште пред да почне. И двајцата новинари-аналитичари се согласија дека ова било сценарио како од 2001-та, и го поврзаа инцидентот со опозициската СДСМ. Велиновска оцени дека опозицијата сега ќе ги обвинувала Груевски и Ахмети за дестабилизација за да ја активирале техничката влада со надворешни посредници. Чилиманов, пак, е сигурен дека СДСМ е дел од сценариото, а според неговиот коментар, единствено било нејасно дали тие го воделе истото или биле дел од поголема игра. „Аналитичкиот“ прилог, иако со двајца аналитичари, сепак е едностран и е целосно на линијата на власта, која во последниот период ја обвинува опозицијата за дестабилизација и работа против интересите на државата. МРТ може да даде изговор дека ставовите во прилогот не се на новинарот или на уредничкиот тим, туку на аналитичарите, но со самиот избор на соговорниците јавниот сервис го одредува тонот на прилогот и пораката која ќе биде испратена до гледачите. Ако веќе не можеле да избегнат емитување пораки за внесување паника и страв кај граѓаните, од јавниот сервис можеле да се потрудат да најдат барем еден аналитичар од „другата страна“, односно кој работите не ги гледа преку окото на власта и не упатува порака дека опозицијата е „предавничка“.
– Следната целина во вестите се пораките на Европската Унија, па следуваат две содржини на оваа тема. Сепак, едната со другата се целосно контрадикторни. Првата содржина е вклучување на дописничката од Брисел, каде се наоѓа премиерот Никола Груевски. Пораката испишана преку телоп на екранот е „Хан повика опозицијата да се врати во Собранието“. МРТ ја манипулира јавноста користејќи дел од изјавата на еврокомесарот Хан извадена од контекст. „ Судска разрешница за незаконското прислушување на мрежата на Верушевски и опозицијата да се врати во Собранието, се денешните пораки на еврокомесарот Јоханес Хан“, вели дописничката од Брисел, па следува дел од изјавата на Хан: „Потребна е целосна истрага и ја повикувам опозицијата да се врати во Парламентот и таму преку Комисија да се решава од политички аспект, но тоа не значи да се запостави кривичниот дел“ е делот од изјавата. Ваквата целина дава сосема поинаков контекст на изјавата на еврокомесарот. За разлика од новинарката на јавниот сервис која веќе пресудила дека „незаконското прислушување го вршела мрежата на Верушевски“ (ставот на власта), Хан никаде не споменува такво нешто. Доколку гледачите имале можност од друг медиум да ја слушнат или прочитаат пораката на Хан ќе знаат дека тој се повикува на заклучоците на Советот на ЕУ објавени вчера каде се изразува „многу сериозна загриженост поради влошувањето на ситуацијата во земјата особено во владеењето на правото, фундаменталните права и слободата на медиумите кои се со срцето на демократските вредност на ЕУ и нејзината политика на проширување“. Во заклучоците на министрите за надворешни работи на ЕУ на кои се повикува Хан експлицитно стои следното: „Сите обвинувања треба да се истражат од страна на релевантните власти вклучително и обвинувањата за можните злоупотреби кои се објавуваат“. Ако се види целата изјава на еврокомесарот Хан и ако се прочита целосниот заклучок усвоен на средбата на министрите за надворешни работи на ЕУ во Луксембург се добива заклучок кој е сосема поинаков од она што го прикажува дописничката на јавниот сервис од Брисел. Да, Хан ја повикува опозицијата да се врати во Собранието, но Хан и Советот на ЕУ упатуваат и исклучително значајна порака во врска со содржината на „бомбите“ на опозицијата која дописничката воопшто не ја споменува. По ваквата манипулација, МРТ продолжува со две изјави на премиерот Груевски од Брисел, како дел од извештајот за заедничката средба на еврокомесарот Хан со 6- те премиери од Балканот.
Веднаш по ова, пак, следува токму тоа на што се повикува Хан, а кое дописничката од Брисел не го објавила во својот извештај за да даде поинаков контекст на изјавата на еврокомсеарот. Новинарката Катерина Топалова од Скопје прави коректен извештај за заклучоците на министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ во кој се пренесени најважните пораки за загриженост и барање на истрага за обвинувањата за можни злоупотреби. Сепак, со оглед на воведот од претходното јавување и споменувњето на Верушевски од страна на дописничката, гледачите може да бидат збунети и да не се сигурни за кои обвинувања се работи, па да добијат впечаток дека и Советот на ЕУ и Хан барале истрага само за случајот „Пуч“ односно обвинувањата за опозицијата.
– Следува извештај од Парламентарното собрание на Советот на Европа кој единствено се заснова на изјавата на пратеникот од владејачката ВМРО-ДПМНЕ кој остварил средба со Претстедателката на Парламентарното собрание Ан Брасер. Нема изјава од институцијата.
– Следуваат две вести за одржани трибини, едната на ВМРО-ДПМНЕ, другата на Граѓанското движење за одбрана на Македонија, составено од јавни личности кои ги бранат позициите на власта. И во двата прилози има изјави во кои повторно се упатуваат обвинувања на адреса на опозициската СДСМ, без одговор од таму.
– Следуваа неколку прилози за локални теми па вести од светот.
Она што можеа граѓаните да го видат на другите медиуми, а не и на МРТ беше:
– Потсетување на изјавата на лидерот на Достоинство, Стојанче Ангелов, кој пред две недели токму од протест пред зградата на МРТ рече дека имал информации за група од криминалци кои што за голема сума пари од наводно 2 милиони евра требало да предизвикаат инциденти и тензии во регионот на Липково.
– Информација од прес конференцијата на градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски кој предупреди дека одредени групи агитираат против референдумот за ГТЦ лажејќи ги граѓаните дека е откажан
– Информација за поддршка на Студентскиот кон Средношколскиот пленум и приклучување кон најавениот протест на средношколците
– Протестот пред Јавното обвинителство организиран од лидерот на Достоинство, Стојанче Ангелов
Резиме:
МРТ пропушти уште една прилика да направи професионални вести, во кои е отстапено место на сите страни и јавноста објективно и точно е информирана за случувањата.
Во целиот Дневник нема ниту една информација поврзана со работата на опозицијата или пак изјава од таму.
Баш напротив, вестите се користат за пресметка со опозицијата, па доколку вчера сте се информирале само од вестите на МРТ, сте добиле впечаток дека опозицијата организира терористички групи кои ја напаѓаат полицијата како дел од некакво сценарио за дестабилизација на земјата. Исто така, дека дури и еврокомесарот Хан е на страната на власта во врска со обвиненијата кон Заев и останатите осомничени во случајот „Пуч“, веројатно дел од истото погубно сценарио.
Новинарски Пленум
Рецензент: Јован Постолоски