Изградбата на експресниот пат Штип-Радовиш се одвива со одлично, забрзано темпо. Реализацијата на работите е извршена до 83 проценти, и доколку дозволат временските услови се очекува експресниот пат да биде завршен и пред предвидениот рок, истакна при денешниот увид на градежните работи на првата фаза од клучка Штип-југ до Бучим на експресниот пат, премиерот Оливер Спасовски.
Крајниот рок за завршување на делницата од клучка Штип-југ до Бучим, вредна 27,13 милиони евра, е април 2021 година. Втората фаза од изградбата на експресниот пат опфаќа реконструкција на две под делници, од Три Чешми до Штип-југ и од Бучим до Радовиш во должина од 16,87 километри и во тек се подготвителните работи на трасата.
– Со овие и со интензивните работи на експресниот пат Штип-Кочани, го градиме интензивно југоисточниот дел од нашата земја и продолжуваме да ја поврзуваме нашата земја, рече премиерот Спасовски.
Потенцираше дека со изградбата и на експресниот пат Штип-Кочани интензивно се гради патната инфраструктура на источниот и југоисточниот дел на земјава, а со тоа се овозможува и побрзо и подобро поврзување на овие два региона со останатите во земјава. Смета дека изградбата на екпресниот пат Штип-Радовиш има исклучително влијание врз развојот на економијата во овие два региони и придонесува за рамномерниот регионален развој, побрз транспорт на стоки, услуги и на луѓе.
Спасовски вели дека со подобра патна инфраструктура ќе им се олесни на студентите, бизнис секторот, но и на земјоделците од струмичкиот и кочанскиот регион, кои своите производи ги пласираат на пазарите во земјава и странство.
-Она што важно дека екпсресниот пат Штип-Радовиш се надоврзува на автопатот Миладиновци-Штип и благодарение на тоа граѓаните на југоисточниот дел на нашата земја за многу пократко време ќе патуваат и пристигнуваат до главниот град Скопје, вели Спасовски.
Техничкиот премиер потенцираше дека врз проектите кои се однесуваат за изградба на патната инфраструктура не влијаеше актуелната состојба со пандемијата. Тој им се заблагодари на градежните работници, кои секојдневно се на терен и ги реализираат проекти, кои истовремено придонесуваат и за економската активност на државата.
Министерот за транспорт Горан Сугарески истакна дека темпото на изградба на овој екпресен пат Штип-Радовиш покажува и како функционира Владата и Јавното претпријатие за државни патишта. – Овој пат е почнат практично во периодот мај 2018 година и очекуваме до крајот на оваа година дека едната делница ќе биде комплетно завршена, рече Сугарески.
Тој ја повика опозицијата да излезе на терен и да види дека во источниот дел има голем број на градилишта, како што се екпсресниот пат Штип-Кочани, реконструкцијата од Пробиштип до Крупиште, а минатата година се санирани и реконструирани голем број од регионалните патни правци. Смета дека во делот на реализацијата на капиталните инвестиции и оваа година ќе биде успешна.
-Сакам исто да потенцирам и во делот на проектот, којшто се работи во Министерството за транспорт и врски во делот на изградба на локални патишта и улици, очекуваме до крајот на месецов или почетокот на другиов да се објави првиот тендер за улици и патишта, наведе Сугарески.
Директорот на ЈПДП Зоран Китанов прецизираше дека на трасата Штип-Радовиш има 18 мостови, вијадукти, а најдолг е мостот кај селото Лакавица во должина од 350 метри. Тој истакна дека изградбата има одлично темпо и очекува оваа прва делница да биде готова околу Нова Година.
-Резултат на тоа е посветеноста на сите чинители во изградбата на овој пат, а исто така да напоменам и многу важна работа е оти овој пат почна со завршена експропријација на земјиштето од 99 проценти. Немавме никакви препреки, освен што имавме во проектирањето, како што е натпатникот Штип-југ кој беше замислен да се гради сосема поинаку, па на секои 14 месеци да биде поплавуван. Така беше проектиран, но ние не дозволивме такво нешто, потенцира Китанов.
Тој истакна дека во разговор со фирмата Штрабаг, која ќе ја реализира и втората траса од оваа делница добил ветување дека од рудникот Бучим до влезот на Радовиш ќе биде завршен во исто време со првата делница иако имаат рок од две години.