Главниот и одговорен уредник на МРТ, Диме Ратајковски, му се заканува со тужба на својот колега од Алсат, Мухамер Зекири, за статус објавен на социјалната мрежа фејсбук.
Во писмо до Зекири, Ратајковски бара извинување за статусот и негово повлекување затоа што се, вели, се изнесени навреди кон него.
Станува збор за статус каде уредникот на Алсат му порачува дека МРТ треба да биде гласило на граѓаните, а не на било која партија.
Барањето за извинување, Зекири денеска го објави на својот фејсбук профил каде коментира дека не го повлекува она што таму го напишал.
„Ратајковски бара да му се извинам оти на FB сум го навредил и да го повлечам постот. Човече, зар мислиш дека ЈАС мењам став по нечија потреба или барање? Тоа што си мислам и го кажувам и стојам зад тоа. Овој профил е мој приватен, сум ги изнесувал и ќе продолжам да ги изнесувам моите ставови за се што мислам дека е потребно“, пишува тој.
Како што вели Ратајковски во неговото барање, навредите на Зекири го нарушиле неговиот углед и угледот на телевизијата со која раководи. Тој бара извинување во ист обем, или во спротивно ќе покрене тужба со која ќе бара надомест на штета.
Против Ратајковски вчера беше поднесена кривична пријава во Јавното обвинителство поради злоупотреба на положбата и овластувањата. Кривичната ја поднесе поранешниот генерал, Стојанче Ангелов.