Рашковски со поддршка за „Никофон“ да добие друга локација за барокната катна гаража

Од:

Преговори за размена на земјиште за да се спречи изградба на барокна катна гаража на паркингот кај „Аутомакедонија“ се воделе и во Влада. Сопственикот на парцелата за катна гаража Никола Настески тврди дека до градоначалникот на општина Центар доставил предлог за размена на земјиште откако му било предложено обесштетување, а за размената разговарале и со генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски.

„Со цел да не бидам и понатаму спречуван од станарите од околните згради да ја градам катната гаража, за што трпам ненадоместлива штета повеќе од 5 години, се согласив на предлогот на градоначалникот наместо постојната, да добијам алтернативна локација за изградба на катна гаража на територијата на општина Центар или да бидам обесштетен за направените трошоци и изгубената добивка. За истово доставив предлог за склучување  договор за размена на градежно земјиште во сопственост на РСМ со градежно земјиште во сопственост на физички и правни лица на кое е предвидено изградба на објекти од јавен интерес во јуни 2019 година. Овој предлог беше усогласен и договорен со градоначалникот. Со цел и Владата на РСМ да биде запознаена со целата работа, бидејќи согласно Законот за градежно земјиште финалната одлука за размена ја донесува Владата на РСМ, одржавме состанок заедно со градоначалникот на општина Центар и мојот адвокат, во просториите на генералниот секретар на Владата на РСМ, кој целосно даде поддршка за ова прашање. До ден денес градоначалникот на општина Центар и покрај безбројните состаноци и ветувања, не презеде какава било активност во насока на реализација на размената“, вели Настески.

Градоначалникот на општина Центар и покрај безбројните состаноци и ветувања, не презеде какава било активност во насока на реализација на размената, Никола Настески

Тој денес преку допис реши да ја информира јавноста за, како што вели, „втората страна на работите“. Во дописот Настески наведува дека почетна цена за земјиштето на наддавањето била 1850 денари, според, како што тврди, важечките прописи и имајќи во предвид дека 15 отсто од парцелата била наменета за делвен простор, а 85 отсто за катна гаража. Имало двајца понудувачи, а највисоката цена за квадратен метар ја дал тој, односно платил 6.150 денари за квадрат. Во мај 2013 година поднел барање за одобрение за градење.

„ Тогашниот градоначалник на општина Центар, Андреј Жерновски, не ни го издаваше одобрението со месеци. За тоа доцнење, по наша пријава во многу наврати до Управниот суд, градоначалникот беше казнет и плати глоба од 7.500 евра“, вели Настески.

Одобрението го добил во јуни 2014 година и веднаш ја известил општината дека почнал со градежни активности, но тогаш се појавил проблемот околу владение на парцелата, кое било во рацете на „Паркинзи Општина Центар“ па поради тоа повел судски спор, а судот пресудил во негова корист.

„И покрај правосилноста на пресудата, до ден денес ‘Паркинзи Општина Центар’ не ми го предава недвижниот имот онака како што предвидуваат законските прописи, испразнет од предмети и ствари. Напротив, до ден денес тој дел од недвижноста, која е моја сопственост, ‘Паркинзи Општина Центар’ ја користи комерцијално со надоместок и неосновано остварува профит. Последниот обид за предавање во владение беше во петокот (15.11.2019), но и тој обид беше неуспешен“, вели Настески.

Градоначалникот на општина Центар најави дека оваа недела повторно ќе го повика Настески  на разговор и покрај неуспешните едномесечни преговори  да најадат решение катната гаража на локацијата кај „Аутомакедонија“ да не се гради. Градоначалникот Богдановиќ минатата недела рече дека се сомнева во постапката за продажба на земјиштето и во почетната цена, за која тврди дека требало да биде 5.600 денари место почетните 1.850 денари на наддавањето. Тој го повика Обвинителството да постапи по поднесените кривични пријави и од Општината и од станарите.

Настески, пак, тврди дека доколку имало какви било индиции и докази сторен криминал, како што тоа сака да го прикаже Општината, сигурно Обвинителството ќе преземело мерки.

Би можело да ве интересира

Укинат куќниот притвор за Драги Рашковски

Катерина Ѓуровски

Прва работилница во Општина Центар од кампањата на „Макпетрол“ против врсничкото насилство

„Шанса за Центар“: Шверцерски вметнати нови објекти во ДУП-от за Стара железничка станица

Горан Наумовски

Осуден во „Софтвери“ ја запроси девојката во судница: „Прекрасен момент, нека ви е со среќа“, им честиташе судијката

Орце Костов

Во Кривичен денеска ќе биде објавена пресудата за случајот „Софтвери“

Одбраната на Рашковски побара ослободителна пресуда за случајот „Софтвери“