Свештеникот од Струмица, Боро Милчев кој бил расчинет од Македонската православна црква преку Струмичката епархија во 2021 година, крштевал и венчавал со наводен „благослов“ од архиепископот г.г. Стефан во регионот на Пјаченца, каде што живеат илјадници македонски иселеници.
Според Струмичката епархија, расчинетиот свештеник манипулирал со Македонците во Италија велејќи им дека е расчинет само од Струмичката епархија, но дека служи со „благослов“ на самиот Архиепископ.
МПЦ уште еднаш ја објави одлуката и решението за расчинување на Милчев потенцирајќи дека се што направил тој во меѓувреме нема легитимност од Црквата односно децата што ги крстел остануваат некрстени, а венчаните остануваат невенчани.
“Со оглед на тоа дека многу од верните чеда од нашата епархија живеат и работат во Р. Италија, во Пјаченца, и кои особено ова лето нѐ известуваа дека се изманипулирани од расчинетиот свештеник Боро Милчев, потребно е уште еднаш да ја кажеме вистината и да ги разобличиме лагите со коишто овој човек, за жал отпаднат од Црквата, го манипулира верниот народ.
Една од најбесмислените манипулации со коишто се служи, е тоа дека тој е расчинет само од Струмичката Епархија, но дека служи со „благослов“ на самиот Архиепископ. Бидејќи не е првпат од овој расчинет и отпаднат од Црквата човек да се злоупотребува името и авторитетот на поглаварот на МПЦ – ОА, на верниот народ му предочуваме како навистина стојат работите во однос на расчинетиот Боро Милчев, секако потврдено со официјални документи од МПЦ – ОА, кои ви ги предлагаме на увид под соопштението.
Како што е познато Епархискиот Црковен суд на 19.05.2021 година донесе одлука за негово расчинување, којашто на 23.09.2021 година беше потврдена и од Архиепископскиот црковен суд, и најпосле беше потврдена и потпишана и од Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан. Накратко кажано, што значи ова!? Значи дека сѐ што прави овој човек нема легитимност од Црквата, од Светиот Дух Господ, Кој ја оживотворува и устројува Црквата.
Кутрите деца што се „крстени“ од него остануват некрстени, венчаните остануваат невенчани, осветените домови се попрво осквернети отколку осветени, и тоа не само за МПЦ – ОА, туку и за сите останати помесни православни Цркви, несреќниот статус на овој човек е ист, бидејќи Црквата е една“, соопштија од Македонската православна црква.
Струмичката епархија повика излажаните верници да го контактираат единствениот канонски свештеник на МПЦ – ОА во Пјаченца, отец Климент Мишањ, или пак, во епархиите на МПЦ – ОА во Македонија од каде што потекнуваат, да се крстат и венчаат во Православната Црква, а оние што му помагале на свештеникот о соодветниот допис од Европската православна епархија на МПЦ – ОА, во нашата Црква ќе бидат третирани исто како и расчинетиот Боро Милчев.