Албанскиот премиер Еди Рама по средбата со Димитар Ковачевски во Скопје, рече дека се уште има надежа да се сретне со неговиот колега од Косово, Албин Курти.
-Се надевам дека Албин не заборавил на каменот дека на било кој да ти дојде дома, му се отвора врата и забрането е да го извадите од домот се додека не се доискаже, кажа Рама одговарајќи на новинарско прашање.
Рама утрово пред да пристигне во Скопје објави дека се потпишани 13 договори од седницата на владите на Албанија и Косово и се доставени до Министерството за надворешни работи на Косово. Рама во објава на Твитер посочува дека по потпишувањето на договорот очекува потврда од премиерот Албин Курти за средбата.
Вчера медиумите во Тирана објавија дека Рама нема да ја откаже балканската турнеја и покрај тоа што неговиот косовски колега Курти одби да се сретне со него.
– И покрај одбивањето на премиерот Албин Курти да го прими на разговор, Рама ќе го посети Косово, но ќе се сретне само со претседателката Вјоса Османи. Средбата Рама – Османи ја потврдиле за „Еј-би-си Њуз“ (ABC News) доверливи извори.
Некои медиуми објавија дека и Билал Касами, градоначалникот на Тетово и лидер на БЕСА, одбил да се сретне со Рама на што албанскиот премиер се изнасмеа.
– Како може да одбил да се сретне со мене Касами кога не сум побарал средба со него. Или можеби претходно одбил како превентива. Билал е градоначалник на Тетово, добар дечко – додаде Рама.