Слободата на изразување е основно човеково право кое по уривањето на Берлинскиот ѕид се смета за едно од четирите права на кое ќе се темели иднината на светот. Но, потребата од негово ограничување доаѓа поради можноста од злоупотреба, како што е говорот на омраза со кој се шири, поттикнува или оправдува ксенофобија, антисемитизам, и други форми на нетолеранција. За разликување на овие две форми и неширење на говорот на омраза во медиумите, неопходна е едукација на новинарите.
Ова беше истакнато на денешната работилница организирана од Мисијата на ОБСЕ во Скопје во соработка со Институтот за новинарство, медиуми и комуникации при Правниот факултет и Дирекцијата за заштита на личните податоци насловена „Разграничување помеѓу слободата на изразување и говорот на омраза“.
Марија Асреид Хуемер од одделот за владеење на правото во ОБСЕ истакна дека говорот на омраза како антипод на слободата на изразување е појава која е повеќе присутна во модерното информатичко општество. Од таа причина, вели, постои одговорност од страна на медиумите и другите владини и невладини организации коректно да ги разликуваат овие појави една од друга.
Според доцент Елена Михајлова од Правниот факултет, во Македонија има говор на омраза, а медиумите имаат моќ да одлучат дали воопшто ќе известуваат за него и со тоа ќе направат да дојде до една многу поширока публика, дали ќе се оградат од него, како ќе го презентираат, дали ќе го засилат… Тоа е една огромна моќ која ја имаат и мислам дека во добар дел ја злоупотребуваат. Меѓународната позиција, а посебна европската, додава, е строга во однос на говорот на омраза.
– Меѓународното право бара забрана на говорот на омраза и тука е јасно – се бара негово санкционирање. Во оваа смисла ние сме правно опремени, но недостига правна практика. Потребна е поголема активност на Комисијата за заштита од дискриминација, која има голема моќ и можност да иницира постапки пред судот, и секако, голема активност од страна на судовите. Да се впуштат малку поактивно во толкување на члнот 9, членот 7 од Законот за заштита од дискриминација, односно да почне полека да се создава правна пракса. Не само овие најгранични случаи како што ги гледаме сега со сликите на фејсбук со оружје, дали е тоа повикување на национално менување на уставниот поредок или поттикнување на омраза меѓу заедниците. Тоа се некои крајни случаи на говор на омраза. Сето ова друго, поврзано директно со повредата која ја прави на достоинството се занемарува и на некој начин го толерираме, вели Михајлова.
Доцент Јасна Бачовска од Институтот за новинарство, медиуми и комуникации при Правниот факултет, моментот за оваа работилница е одбран токму сега на последниот ден од изборната кампања за локалните избори, период кога вели може да се посочат низа примери на говор на омраза во медиумите.
– Зошто се доведуваме во ваква ситуација, 20 години по независнсота на Македонија ние денеска да разговараме не за реализацијата и значењето на слободата на изразување, туку за потребата од некакво ограничување на таа слобода. Тоа се канали кои му даваат простор на говорот на омраза и на разни други состојби како естетизација на политиката, театрализирање на медиумите, монополизирање на јавната дебата, толкување на спротивното мислење како опонентство, неутрализација на политичката јавност.
Сите овие се фактори кои ја загрозуваат демократијата и тоа не само во Македонија туку и во целокупната западна демократија. Но, кај нас е чудно што ние не успеавме да го достигнеме зенитот на демократијата, а веќе се соочуваме со факторите кои што ја загрозуваат таа состојба, оценува Бачовска.