Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и градоначалникот на општина Битола Владимир Талески денеска пуштија во употреба нов локален пат што ги поврзува селата Горно Српци, Рамна и Лера.
На средбата со новинарите министерот Јанакиески истакна дека реализацијата на овој инфраструктурен проект во Битола е во рамките на Програмата на Владата на Република Македонија во соработка со општините, и опфаќа инвестиции од 140 милиони евра.
– Новоизградениот локален пат е во должина од 5,1 километар или инвестиција вредна околу 300.000 евра. Овој локален пат има посебно значење бидејќи опслужува три населени места, а претходно имаше многу лоша патна инфраструктура која влијаеше врз тоа селата постепено да „изумираат“. Со инвестиции во локалната патна инфраструктура овозможуваме полесен пристап на граѓаните и сите оние што сакаат да ги посетат населените места, а исто така го намалуваме иселувањето село-град, истакна Јанакиески.
Според битолскиот градоначалник Талески континуираната соработка со Владата на Република Македонија и комбинираното финансирање на инфраструктурни проекти дава резултати.
– Решивме голем проблем на жителите од селата Горн Српци, Рамна и Лера, а во наредниот период ќе обезбедиме нов проект за патот до селото Доленци. Според нашите анкети водоводната и патната инфраструктура се најголемите проблеми на граѓаните и затоа ги решаваме со посебен приоритет. Оваа динамична соработка со Министерството за транспорт и врски ќе продолжи затоа што имаме и нов пакет проекти кои се од интерес за граѓаните. Селото за нас е значајно и затоа освен патишта, реконструираме училишта и други објекти, посочи Талески.
Со владината Програма за соработка со општините во Битола веќе се изградени и реконструирани седум локални патни правци, а во текот на оваа година ќе се реализираат уште три нови, беше истакнато на денешната средба со новинарите.