Прво негираше, па потврди: Русковска споделила сомневање со Маричиќ за можно бегство на Мијалков

Од:

По два дена молк, обвинителката Вилма Русковска и сама призна дека за можното бегство на Сашо Мијалков му кажала и на министерот за правда, Бојан Маричиќ. Тоа се случило еден ден пред да побара од МВР да ги провери индициите за можното бегство на Мијалков и два дена пред да биде побаран притворот за Мијалков од Кривичниот суд. Признавањето доаѓа откако Русковска претходно негираше дека известила друг член на Владата освен министерот Оливер Спасовски за сознанијата поврзани со намерите на Мијалков.

Од Обвинителството за гонење на организиран криминал чија шефица е Вилма Русковска не одговараат зошто таа претходно негираше дека ја споделила информацијата со друг министер. Нема одговор ниту зошто обвинителката веднаш не стапила во комуникација со Спасовски или Кривичниот суд за да побара мерки за обезбедување присуство на Мијалков, туку дури по еден ден го извести МВР, а по два, Кривичниот суд. На Мијалков му се изгуби трагата во неделата кога Обвинителството побара, a судот одобри притвор.

„Средбата помеѓу обвинителката Вилма Русковска и министерот за правда Бојан Маричиќ, беше во врска со потребите и проблемите со кои се соочува Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Во неврзан разговор, обвинителката сподели сомневање околу можноста за бегство на обвинетиот Сашо Мијалков. Откако во саботата обвинителката доби информации што ги поткрепија сомневањата, таа презеде дејствија во насока на обезбедување на присуство на обвинетиот“, објаснуваат од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.

Оттаму нема коментар зошто Русковска се одлучила информацијата за можното бегство на Мијалков да ја сподели со Маричиќ. На прашањето дали е спорно што обвинителката Русковска и министерот Маричиќ кој е претставник на Влада остваруваат „неформални средби“, од Обвинителството велат дека не постои законска пречка.

„Што се однесува до дозволеноста на неформални средби на обвинител што раководи со обвинителство и министер за правда, ве известуваме дека двете институции се упатени на меѓусебна соработка, особено имајќи предвид дека Министерството за правда е надлежно за предлагање на закони и носење на подзаконски акти што се однесуваат на обвинителството. Во таа насока не постои законска пречка за формални и неформални средби ако истите се од интерес за функционирање на институцијата“, додаваат од Обвинителството.

Четири дена по средбата со министерот Маричиќ на која обвинителката Русковска го споделила сомневањето дека Мијалков може да избега, таа негираше пред медиумите и рече: „Во петокот никого немам известено“. За средбата прв обзнани Маричиќ, кој за „А1он“ кажа дека Русковска му ги кажала сомневањата поврзани со Мијалков.

За бегството на Мијалков кој се бараше со меѓународна потерница се води и постапката од Основното јавно обвинителство. Прва за можното бегство алармираше Русковска, по како што кажа, добиени информации од нејзин извор, кој не го откри пред јавноста и институциите.

Би можело да ве интересира

Мијалков излегува порано од затвор, Апелација го врати предметот „Империја“ на повторно судење

Орце Костов

Јанакиески излегува во јуни, за Мијалков ќе одлучува Кривичен

Ослободителна пресуда за Мијалков и Јакимовски за „Трезор“

Анита Петровска Рајковиќ

Во Кривичен пресуда за Трезор

Повторно ќе се продава имот на Сашо Мијалков, државата очекува два милиона евра од плацевите на Водно

Катерина Ѓуровски

Небиу: Вработените се мета на вознемирување и заплашување, поради обидите да го продадат конфискуваниот имот на Мијалков