Првиот македонски електричен автомобил на „Еколог“ го нема: „Дестани ме исфрли од “Некст е.ГО’, фирма која јас ја основав“

Од:

Точно една година помина откако премиерот Димитар Ковачевски и Артан Груби помпезно ја најавија изградбата на германската фабрика „Некст е.ГО“ која требаше да произведува автомобили на електричен погон и да отвори 900 нови работни места во ТИРЗ Тетово.

„Ова е еден од оние убави денови кога стануваат видливи резултатите од вложениот труд. Она што особено ме радува е дека за првпат, кај нас ќе биде произведен целосен автомобил. Оваа инвестиција ми е лично посебно драга“, истакна премиерот на тогашната презентацијата на новата инвестиција.

На плацот во технолошко-индустриската развојна зона во Тетово се уште не е никната фабриката која првиот вицепремиер Артан Груби лани ја најави како инвестиција на домашната компанија „Еколог“ вредна 130 милиони евра, за која пак Владата два дена пред потпишувањето на договорот, одобри државна помош од околу 42,6 милиони евра.

На церемонијата во ТИРЗ Тетово присуствуваше и Лазим Дестани, татко на основачот на компанијата „Еколог Интернешнл“ , Назиф Дестани и сопственик на фудбалскиот клуб Шкендија, кој важи за близок до владеачката ДУИ.

„Денес е историски ден за мене. Пред околу 50 години, барајќи повеќе можности за работа, го избрав патот на емиграција во Германија, а денес се чувствувам многу среќен што ги носиме можностите на Германија овде во нашата земја. Најмногу ме радува фактот што во оваа фабрика ќе се вработат многу млади мажи и жени. Мојата сопруга Расиме и јас се чувствуваме среќни кога гледаме како нашите синови ги следат нашите совети. Не прават многу горди, особено со нивната посветеност на татковината“, рече Дестани во својот говор на свечената церемонија лани.

Две недели пред потпишувањето на договорот за државна помош со македонската Влада, регистрирана е германската компанија „Некст е.ГО Мобиле“, со седиште во интернационалната компанија „Еколог Интернешнл“ во Тетово, а „А1он“ истражи како се поврзани овие две компании и како семејството Дестани стигна да гради фабрика за автомобили со државна помош.

Компанијата „е.ГО“ ја основал професорот Гинтер Шух од универзитетот за технички науки во Ахен кој во технолошко-иновативните кругови бил сметан за германски Илон Маск. Откако го продал првиот старт-ап „СтритСкутер“ на „Дојче Пост“, во 2016 година ја основал компанијата за електрични возила и го развил малиот автомобил „е.Го Лајф“.

Две години подоцна морал да најде инвеститор за да ја спаси компанијата, а тоа била холандската „НД Груп“ во сопственост на Назиф Дестани, која како холдинг го има во сопственост и „Еколог“. Шух морал да го отстапи местото извршен директор, но останал претседател на Бордот на директори на компанијата со ново име „Некст е.Го Мобил СЕ“ до мај 2021 година кога, под неразјаснети околности, ја напушта.

„А1он“ го контактираше професорот Гинтер Шух поставувајќи му неколку прашања во однос на инвестицијата во Македонија, но тој ја одби поканата за интервју велејќи дека е исфрлен од компанијата која ја основал и дека не сака да зборува за „Некст е.ГО“.

„Почитувани, јас бев исфрлен од „Некст е.ГО“ во мај 2021 година од страна на новиот инвеститор откако го обезбедив рестартот на производството по завршувањето на пандемијата. Не сакам да зборувам за „Некст е.ГО“засега. Простете.“, стои во одговорот до „А1он“ од професорот и д-р инженер Гинтер Шух од Ахен, Германија.

„НД Груп“ на Назиф Дестани е мнозински сопственик во компанијата „е.ГО“ во која, според германските медиуми, инвестирале и гигантот за пневматици „Пирели“, поранешниот државен секретар за финансии на САД, Џон Сноу и американскиот актер Едвард Нортон, а заштитно лице на брендот е бразилската фудбалска ѕвезда Нејмар.

„НД Груп“ е основана во 2008 година од Назиф Дестани во Холандија, има свои претставништва и инвестира во Велика Британија, Германија, Обединетите Арапски Емирати и САД.

Според албанските медиуми, тој важи за тивок бизнисмен кој не сака да се експонира премногу во јавноста како неговиот татко Лазим или неговиот брат Блерим кој е познат актер.

Синовите на Лазим Дестани, актерот Блерим и првиот човек на НД Груп, Назиф Дестани

Тивко помина и неговата инвестиција преку „НД Груп“ од три милиони долари во акции во компанијата „Еуромакс„ која се обидува да отвори рудник на бакар и злато во Иловица, Струмица.

Инвестицијата во оваа компанија е проширување на семеjниот бизнис кој Назиф го почнал во 1999 година на Косово нудејќи услуги за перење на облеката на германските војници ангажирани во НАТО мисијата. Денес неговите компании, односно компаниите на тетовското семејство Дестани вредат околу четири милијарди евра.

Би можело да ве интересира

Вучевиќ: Македонија ќе најде повеќе од партнер во Србија

А1он

Елиминирањето на конкуренцијата во изборот за универзален снабдувач граѓаните ќе ги чини стотици милиони евра повеќе за сметки за струја

А1он

Универзалниот снабдувач избран без да се овозможи конкуренција, граѓаните ќе плаќаат милиони евра повеќе за струја

А1он

Влада: Веднаш по изборите да се подготват законски решенија за статусот на специјализантите по медицина

Штрајк на приватните специјализанти: Работиме 24 часа за 26.000 денари, а немаме ниту здравствено

Орце Костов

ДКСК: Владата и Апелациските судови не доставиле податоци за бројот на службени возила

Орце Костов