„Резервирај ме“ е новата електронска продавница за алтернативен туризам во земјава, која денес ја промовираше министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски.
– На www.rezervirajme.com граѓаните ќе можат да резервираат поголем број услуги, како што се хотелски сместувања, резервации во ресторани, спортувања, тури за алтернативен туризам и голем број други услуги, кои постојано се надградуваат – соопшти министерот Ивановски.
Ова е проект на граѓанската организација ОРТ, а профитот ќе биде наменет за организирање еколошки и социјални кампањи.
– Со секоја резервација се придонесува за заштита на животната средина, вработување на долгорочно невработени лица, и едукација на деца од основни училишта – рече Билјана Стефановска од ОРТ.
Министерот Ивановски додаде дека од претходните електронски продавници кои се веќе промовирани, продавницата за детска облека „Tilla stylish kids wear“ во Прилеп досега има 10.548 посетители, „Macedonian Handicrafts“ во Охрид има над 5.300 посети, а веледрогеријата Марти Алко над 3.600 посетители за само десетина дена од отворањето.
Сето ова е дел од владиниот проект за субвенционирање на 30 електронски продавници.