Просветниот инспекторат не знае врз основа на кој закон, односно кои одредби, на седницата за дисциплинската постапка за инспекторот Ѓорѓи Илиевски не е дозволено да присуствуваат медиумите. Јане Николовски, кој се претстави како лице за односи со јавноста во Инспекторатот, немаше објаснување за ваквата постапка.
„Тука присуствуваат од Канцеларијата на народниот правобранител, Хелсиншкиот комитет и други. Новинарите ќе добијат соопштение. Плус просторот е мал, нема доволно место“, беше одговорот на Николовски, кој не одговори кој дал наредба новинарите да не бидат пуштени на седницата и побара прашањето да се испрати на имејл.
Тој на излегување на новинарите од ходниците искоментирал: „Не знам кој ги пуштил новинарите во зградата, ќе има изјава по седницата“.
Половина час по почнувањето на седницата за дисциплинската комисија во Државниот просветен инспекторат, на која се расправа за постапката на инспекторот Ѓорѓи Илиевски, се појави обезбедување и ги замоли новинарите да не чекаат во ходникот.
Обезбедувачот рече дека за да ги пушти новинарите на седницата и да чекаат во ходникот, требало писмено известување, кое не било стигнато.