Промовирана книгата „Епископ Партениј, Игумен Бигорски, 25 години монах и свештенослужител“

Од:

Во Бигорскиот манастир беше промовирано новото книжевно издание на Свештената бигорска обител „Епископ Партениј, 25 години монах и свештенослужител“.

Согласно наложените услови поради рапидното распространување на грипот, на промоцијата присуствуваа монасите, монахињите од Рајчица и Пречиста и затекнати верници а не беа во можност да присуствуваат најавените гости, меѓу кои архиепископот охридски и македонски г. г. Стефан, промоторот на книгата, епископот хераклејски г. Климент, членови од Светиот Синод на МПЦ-ОА, претседателот на МАНУ и други гости.

– Но, затоа монах од нашето братство го прочита пред сите прекрасното, топло и боговдахновено промотивно слово на промоторот на книгата, почитуваниот епископ хераклејски и игумен на светиот Зрзески манастир, г. Климент, како и писмото од нашиот почитуван архиепископ г. г. Стефан, упатено кон нашиот старец и игумен, владиката Партениј, по повод неговиот 50-ти роденден и 25-годишната монашка и свештеничка служба. Од името на братството и сестринствата се обрати нашиот најстар јеромонах, отец Доситеј, кој со кратко слово во монашки дух го претстави овој скромен дар од братството и сестринствата за својот старец и владика, велат од Бигорскиот манастир.

Оваа година освен што е еден милениум од основањето на Бигорската свештена обител, истовремено е и 50 години од раѓањето на актуелниот бигорски игумен епископот антаниски г. Партениј и 25 години од неговото замонашување. Така, бигорската манастирска хроника одбележува три јубилеи.

– Затоа, празнувањата во Бигорскиот манастир продолжуваат и понатаму, па, еве, денес ви го претставуваме оваа впечатливо дело, замислено како роденденски јубилеен подарок на бигорското братство до својот духовен отец. Самата книга претставува своевиден биографски приказ на животот и 25 годишното делување на игуменот на Бигорскиот манастир, епископот г. Партениј Антаниски, како во црковната, така и во општествено-социјалната и културната сфера на нашата земја, наведува промоторот на книгата г. Климент.

Според него, ова дело ни ги открива луѓето, окружувањата, местата, објектите, екстериерот и ентериерот, пејзажите и релјефите што во одреден временски период биле, а некои од нив сè уште се дел од животот и делувањето на владиката Партениј.

– Вредноста на книгата „Епископ Партениј, Игумен Бигорски, 25 години монах и свештенослужител“ е повеќеслојна и може да биде согледувана од повеќе аспекти. Но, она пред што секој добронамерен читател ќе затрепери разгледувајќи ги нејзините страници се фактите на делотворната пастирска љубов на овој наш неуморен духовен деец. Речиси неверојатни се резултатите од неговото 25 годишно делување во реканскиот крај, посведочени низ фотографии и текст во книгата. Од материјалното обновување на манастирот свети Јован Бигорски, Раичкиот метох, но и метосите и скитовите што гравитираат околу манастирот, до обновата на монашкиот живот во истите, како и во манастирите Пречиста Кичевска и Кнежино, возобновувањето на монашките послушанија во овие братства и сестринства, милозвучното источно пеење, грижата за велелепието во богослуженијата, обновата на потиснатите од заборавот традиционални вештини и манастирски техники, па сè до згрижувањето на зависниците и нивна ресоцијализација во општеството, ќе констатираме дека им нема број на делата што живо сведочат за личноста опишана во оваа книга, посочува меѓу другото промоторот.

Во поздравното писмо г.г. Стефан наведува „ја знам вашата ревност, со која се фалам со вас“.

– Несомнено, гледајќи во плодовите на последните 25 години од Вашиот живот, коишто претставуваат половина од Вашиот педесетлетен животен век, можеме да истакнеме изобилни дела и добра, во слава на Бога и за добробитот на нашата света Македонска православна црква – Охридска Архиепископија и на нашиот православен народ. И сета оваа делателна биографија, содржана од духовно и материјално градење, може да се собере во зборот жртва – дека Вие, Преосветен владико, Вашиот живот го принесовте како жртва за Бога, за нашата Помесна Црква и за македонскиот народ. Во Вашето дело се препознава ревносен континуитет, работејќи дење и ноќе… проповедајќи го Божјото Евангелие со многу труд.Честитајќи Ви го педесеттиот роденден, Го молиме Милостивиот Бог да Ве дарува со уште многу сили за да му служите добро и Нему и на нашата Света Црква.Долгоденствувај, Владико свет, се наведува во поздравното писмо на г.г. Стефан.

Јеромонах, отец Доситеј, со кратко слово во монашки дух го претстави овој, како што рече, скромен дар од братството и сестринствата за својот старец и владика.

– За нашиот старец и игумен, епископот г. Партениј, би можеле да пишуваме прилично многу од својот сопствен опит, од „она што го чувме, она што со очите свои го видовме, што го разгледавме и што рацете наши го опипаа“. Да ви кажеме за неговото смирување докрај, служејќи ни на сите како последен; за неговата несфатлива самопожртвуваност како услов за нашата радост, без притоа да ја спомнуваа таа жртва, туку само да благодари дека Господ му подарил добри чеда; за неговата мудра, ненаметлива и скриена снисходливост кон нас кога сме паднати, гневни или тажни, дотаму, да нѐ уверува дека секој еден од нас му е неопходен и дека многу му помага; за тоа сочувствување со нашите слабости и за најголемата префинетост на љубовта, со која нѐ поправа кога ќе сме завладеани од егоизмот; за тоа кога забележува дека некого осудуваме и сме надмени, а тој ни бара прошка за неговите грешки, поучувајќи нѐ така на смирение; за тоа како ден и ноќ бдее над нашите срца, со внимание, со татковска грижа и со мајчинска будност и лекува со милост; за тоа како секојдневно ни вели: „ви благодарам што ми помагате, што ме сакате, оти јас не го заслужувам тоа, простете ми…“ И за многу други нешта, „кои не би можеле да се сместат во многу напишани книги“, рече отец Доситеј.

Затоа, додаде тој, не сакајќи да останеме без никаква реч, туку да оставиме едно макар и најмало сведоштво за неговиот досегашен крстовоскресен живот, ја составивме оваа скромна книга со фотографии од разни моменти од неговиот живот и кратки соодветни текстови.

– Поводите за издавањето на книгата се достојни за спомнување и одбележување: 1000 години од основањето на Свештената бигорска обител, 50 години од раѓањето по плот на Старецот и 25 години од неговата монашка и свештенослужителска дејност. Со оваа книга, следствено, се затвора едно големо поглавје од многуплодниот живот на нашиот духовен татко и затоа, таа го носи насловот: епископ Партениј, игумен бигорски: 25 години монах и свештенослужител. Смирено Го молиме Спасителот Христос да нѐ удостои со уште многу слични на овој јубилеи за нашиот ладика, Игумен и Старец, рече меѓу другото отец Доситеј.

Книгава, посочи тој, го опфаќа животното течение на владиката Партениј, од неговото раѓање до стапувањето во епископскиот чин. Притоа, местото на првичен преносител на пораките го имаат бројните фотографии, но не помалку впечатлив е и текстуалниот дел, кој се состои, главно, од кратки биографски податоци и лични видувања на Старецот за најголемите настани и процеси од неговиот живот и дејност, искажани преку беседи, разговори, синаксиси со браќата.

Извадок од книгата „Епископ Партениј, Игумен Бигорски, 25 години монах и свештенослужител“: „Во Јули 1995 година, Митрополитот на Дебарско – кичевската епархија, г. Тимотеј, телефонски го повикал идниот бигорски игумен и знаејќи ја неговата желба за монашки живот, како и претходното искуство, му го понудил за ново обиталиште Бигорскиот Манастир на Чесниот Претеча и Крстител Господов Јован. Тогаш во главата на Зоран (световното име на отец Партениј) одекнале пророчките зборови на Старец Паисиј, што Светиот му ги имал кажано две години претходно, при средбата со него: Ќе дојде време кога по телефон ќе те повикаат, за да ти дадат еден голем манастир.

Веќе се било јасно, немало враќање назад. Пристигнал Божјиот призив. Уште следниот ден, Митрополитот со своето возило го однел новиот населеник на Бигорската обител во неговиот нов дом, поставувајќи го веднаш за нејзин старешина.

Пред манастирската порта, пред самиот влез во манастирот, владиката му дал еден свој подрасник, сакајќи уште од самиот почеток во монашка облека да го премине манастирскиот праг. И со тоа започнува обновата на Манастирот и на монаштвото во него…

Кој би можел со некакви зборови да ги долови чувствата, мислите, трепетот во душата и биењето на срцето на младиот богобарател, кога за прв пат во монашко расо го пречекорил манастирскиот праг?!

Самиот наш Старец, присетувајќи се на тој миг, вели: „Беше тоа нешто што тешко се опишува со зборови, една друга димензија… Пред мене како да се откриваше еден чудесен, таинствен свет, нов, но во исто време и толку познат, необично близок на срцето. Влегував во еден манастир, а како да влегував во моето детство, во дворот на татковата ми куќа. Пред очите ми се отвараше едно ново свето пространство, но истовремено како да ја гледав и калдрмата во дворот на куќата на мојата младост, наредена уште во времето на прадедо ми. Го чувствував секој камен, секој агол, како нешто исконско мое, сродено… Беше тоа навистина една средба со вистинската моја татковина, со вечноста. Еден топол љубовен пречек од духот на предците, оние што порано си го вградиле својот привремен живот тука и сега, не благословуваат од оној вистинскиот, вечен живот. Ја чувствував нивната радост, нивниот таинствен шепот, кој со неовосветска топлина во срцето ми велеше: добредојде во твојот дом, во светињата на Крстителот…“

Би можело да ве интересира

Претставници од Бигорскиот манастир иконата на Св. Георгиј Победоносец ја однесоа во светогорскиот манастир Ксенофонт

Предраг Петровиќ

Во Рим проекција на филмот „1000 години – Сведок на Светлината“, посветен на илјадагодишнината на Бигорскиот манастир

Ана Ололовска

Филмот „1000 години сведок на светлината“ на Илија Ико Каров утре ќе се емитува во Рим

Ана Ололовска

Ромфеа.гр: Приемот на епископот Партениј кај патријархот Вартоломеј голем чекор на Вселенската партријаршија за решавање на црковното прашање

Ана Ололовска

Владиката Партениј и монасите и монахињите од Бигорски, Рајчица, Пречиста и Кнежино на средба со Вселенскиот патријарх

А1он

Бигорски ги објави текстовите на возобновените божиќни и новогодишни каланди

Ана Ололовска