Промовиран правен коментар за поунифицирана примена на Законот за кривична постапка

Од:

Подобра и поунифицирана примена во судовите на Законот за кривична постапка од страна на адвокатите, судиите и обвинителите треба да овозможи правниот коментар на ЗКП кој денеска беше презентиран од Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Професорот на Правниот факултет „Јустинијан Први“ Гордан Калајџиев кој беше дел од групата правни експерти која го подготви Правниот коментар, истакна дека ЗКП го помина првиот тест, иако на почетокот имаше многу недоверба, со оглед дека донесе системска промена на постапката и нови улоги на улесниците, со сосема поинакви процесни вредности, а нагласокот, вели, беше ставен врз човековите права и една правична постапка во модерна смисла на зборот согласно меѓународните стандарди и концепти за фер судење.

-За жал ни требаше малку подолго време што е и предност на некој начин, да се се согледаат недостатоците и проблемните од примена на законот и да созреат првичните искуства да дојдеме до еден ваков коментар кој сигурно ќе им олесни и на практичарите, но и на медиумите и на други бидејќи гледаме дека кривичната постапка и казненото правосудство е топ тема на медиумите, вели Калајџиев.

Според судијката во Врховниот суд Лидија Неделкова, во групата имале серозни надмудрувања по однос на пишувањето на коментарите за одредбите, поради како што рече различната пракса на судовите.

-Веќе подолго време Врховниот суд се обидува да ја воедначи таа пракса, да ја дисеминира својата правна мудрост што ја ставил во своите одлуки на пониските судови и тоа да се почитува. Се разбира дека треба да се почитува и слободното судиското убедување меѓутоа, судијата не смее да заборави дека едно правно прашање не смее да се реши на различен начин, нагласи Неделкова.

За Тодор Витларов виш јавен обвинител на ВЈО Штип, нема неприменлив закон, можеби има определени недоречености, непрецизности, но за да се снаоѓате во процедура при вашето постапување морате да го познавате духот на законот, и тоа основните начела, правата на странките во постапката и овластувањата кои што ги има судот.

-Многу од работите кои се согледани во практиката на двојбеност, непрецизности ние ги коментираме и ќе ви помогнеме, ако не најдете конкретно решение кое што ви создава дилеми, да ве упатиме каде тоа можете да го прочитате, а во процедурата е дозволена аналогија, вели Витларов

Законот за кривична постапка започна да се применува 2013 година. На Коментарот на Законот за кривична постапка Мисијата на ОБСЕ во соработка со Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје работеле последните три години.

Би можело да ве интересира

Лавров доаѓа во ЕУ во декември, првпат од почетокот на војната во Украина

Катерина Ѓуровски

ОБСЕ/ОДИХР со позитивна оценка за изборниот ден, процедурите за гласање се почитувале во голема мера

Претседателот може да помилува само осудени, не и кривично гонети: Предлог законот за помилување во Собрание

A1on

Лога: Очекувам брза екстрадиција, списите денеска ќе ги пратиме по електронска пошта и преку амбасадата

Александар Тодески

Блинкен и Лавров се разминаа во Скопје, САД и Русија спротивставени за иднината на ОБСЕ, за Украина, Балканот

Габриел не сакала да биде на иста маса со Лавров и затоа предвреме заминала од Скопје

Горан Наумовски