Професор Александар Симоновски реагира на предлогот на Георгиевски за рехабилитација на четниците

Од:

„Равногорското движење (Југословенска војска во татковината), под водство на армискиот генерал Драгољуб Михаиловиќ – Дража, започнало да се создава во Западна Србија, по поразот на Кралството Југославија во Априлската војна во 1941 година. Равногорското движење се стремело за обнова на Кралството Југославија. Предвидувало промена на структурата на повоената држава. Југославија би го задржала кралскиот облик на државно уредување, меѓутоа на нови, федералистички основи. Земјата би била поделена на три федерални единици (Југославија би била изградена како тројна федерација: Србија, Хрватска и Словенија)“, реагира проф. д-р Александар Симоновски, Институт за национална историја – Скопје на соопштението на ВМРО-Народна партија, да се рехабилитираат четниците.

„Во програмската поставеност на Равногорското движење, Македонците не биле признаени за посебен народ и биле сметани за Срби. Вардарска Македонија била сметана за српска територија (Јужна Србија), т.е. за составен дел од Србија.

За време на Втората светска војна (1941 – 1945), Равногорското движење во Вардарска Македонија било формирано во 1942 година. Дејствувало само на одредени подрачја (Скопје, Азот, Прилепско, Порече, Кумановско) и не претставувало значаен воено-политички фактор.

Движењето немало силина и масовност за да му се спротивстави на Народноослободителното движење на Македонија. Ова, пред сè, се потврдило со успешниот развој на Народноослободителната и антифашистичка војна на Македонија во 1943 и во 1944 година. Во Вардарска Македонија, Равногорското движење делувало до 1944 година кога било поразено од Народноослободителното движење на Македонија.

Во текот на војната, единственото македонско народноослободително и антифашистичко движење во Вардарска Македонија било Народноослободителното движење на Македонија, под раководство на Покраинскиот комитет на Комунистичката партија на Југославија за Македонија, односно, на Комунистичката партија на Македонија.

Оттука, незамисливо е да се иницира признавање и рехабилитирање на Равногорското движење како антифашистичко движење во Вардарска Македонија.

Несоодветно е и да се прави споредба со ситуацијата во Србија, каде што се водела граѓанска војна поради идеолошки причини: за или против монархијата. Таа војна се водела меѓу Равногорското движење и Народноослободителното движење на Југославија. Наместо Вие, политичарите, да ни кажувате како да ја истражуваме и да ја толкуваме историјата, овозможете ни соодветни услови за научноистражувачка работа.

Од 2011 година ја истражувам активноста на Равногорското движење во Вардарска Македонија. Не е доволно за оваа тема да се истражува само во македонската држава, зашто утврдив дека изворите што ги најдов, од равногорска и од окупаторска провениенција, не нудат посеопфатна слика за споменатата тема. Меѓу другото, не може подлабоко да се навлезе во структурата на Равногорското движење во Вардарска Македонија, па во таа смисла, и во структурата на Вардарскиот корпус и на другите воени единици.

Поради недостиг на финансии не можам да остварам научноистражувачки престој во Србија и во Бугарија. Освен наведеново, во македонската држава лоцирав документи што се однесуваат токму на Равногорското движење во Вардарска Македонија. До денес, тие документи не можам да ги добијам за истражување и за објавување на научни трудови“, се додава во реакцијата на Александар Симоновски, научен советник/редовен професор во ЈНУ Институт за национална историја – Скопје.

Би можело да ве интересира

ВМРО-НП: Неприфатливо донесувањето на законите за матична евиденција и родова еднаквост

А1он

ВМРО-Народна партија ќе поднесе амандмани на сите предлог-закони поврзани со изградбата на коридорите

Ана Ололовска

ВМРО-НП: Поднесуваме иницијатива за укинување на Министерството за транспорт и на Јавното претпријатие за државни патишта

Ана Ололовска

ВМРО-НП: Сто проценти од оружјето кое С. Македонија и го подарува на Украина е набавено од Владата на Георгиевски

Ана Ололовска

ВМРО-НП: Македонските четници од Вардарскиот четнички копрус да ги признаеме и рехабилитираме како антифашисти

Ана Ололовска

ВМРО-НП: Остро се спротивставуваме на иницијативата за увоз на отпад за согорување како алтернативно гориво

Ана Ололовска