Продолжува штрајкот на специјализантите: „Нема желба од Владата да се решат нашите проблеми“

Од:

Продолжи штрајкот на лекари приватни специјализанти, откако Владата на вчерашната седница донесе одлука статусот на приватните специјализанти да се решава по изборите со предлог-законски решенија кои ќе ги предвидат нивните севкупни права и одговорности.

Во текот на вчерашниот ден приватните специјализанти најавија дека понатамошните чекори што ќе ги преземат зависат од одлуката која се очекуваше да ја донесе владата на седница.

Синоќа, по завршувањето на владината седница, приватните специјализанти на Фејсбук објавија дека штрајкот ќе продолжи и денеска затоа што, како што велат, ниту едно од нивните барање не е решено и само се употребени истите лажни ветувања кои ги имаат слушнато веќе неколкупати.

„Ниту владата ниту Министерството не побараа мислење од Државната комисија за спречување на корупцијата и Државната изборна комисија, дали може да се исполни некое од нашите барања , како што и на самата средба беше предложено од наша страна. Што значи дека во моментов нема желба од нивна страна за решавање на нашите проблеми“, се вели во објавата на Фејсбук на Здружение на лекари специјализанти – ЗЛС.

Тие на денешниот протест добија поддршка и од професорката Љубинка Дамјановска Крстиќ од Медицинскиот факултет.

Професорката Љубинка Дамјановска Крстиќ, од Клиниката за ревматологија, им даде поддршка и рече дека тие секојдневно се во амбулантите, операционите сали и ноќните дежурства. Без, како што нагласи, за тоа да бидат адекватно вреднувани и да се чувствуваат како навистина почитувани.

– Тие се навистина многу добри, вредни, работат и пишуваат во списанија, учествуваат на меѓународни конгреси. Ова го зборувам од свое лично искуство, јас исто така пред 30 години бев приватен специјализант. Знам дека се работи за една голема голгота. Не само што страда лекарот приватен специјализант, страда и неговото семејство, блиските. Родителите се во вечни долгови. Лекарите се должни да дадат максимум за луѓето и професијата, но и ним треба да им се овозможат услови за да ја обавуваат професијата, рече таа, апелирајќи за поголема поддршка за колегите, замолувајќи ги институциите под итно да се разреши ситуацијата.

На новинарско прашање, таа одговори дека многу ја загрижува фактот кој ќе ги наследи лекарите во македонското здравство, ако младите, незадоволни, си заминат од државата.

– Пред некое време изгубив специјализантка која 13 години ја едуцирав да биде ревматолог. Пред тоа уште една, која е во Германија и навистина проблемот е многу горлив. Во моментов немам асистент и помлад асистент, а навистина треба, истакна таа.

Би можело да ве интересира

Таравари: До крајот на годинава ќе се вработат 300 приватни специјализанти

Бојчевски: Приоритет на новата влада да бидат здравствените работници кои повеќе од пет години се без здравствено и пензиско осигурување

Штрајкот на Пошта во мирување, се чека Владата за помирувачот да закаже состанок со новиот министер

Анита Петровска Рајковиќ

Вработените во Пошта протестираат: Не знаеме кога ќе земеме плата, 2000 вработени ќе останеме на улица

Орце Костов

Приватните специјализанти очекуваат новиот министер веднаш по назначувањето да ги повика на разговори

Првиот проблем кој ќе го решава новиот министер да биде нашиот, бараат приватните специјализанти