Во американското списание Хил, специјализирано за известување за политиката во главниот град Вашингтон, продолжи преписката меѓу Бил Николов од Македонското меѓународно движење за човекови права и грчката коментаторка Георгеа Полизос од Американскиот Елинистички Институт.
Во колумната објавена во Хил, Николов вели дека самото тоа што пред зборот Македонија во уставното име стои зборот Република е доволна одредница за разликување на Република Македонија од грчките провинции со истото име. Според Николов, со тоа што во својот претходен текст Полизос наведе дека делови од Македонија се и во Грција и Бугарија, ја потврди поделбата на историската територија. “Со нејзиниот исказ, таа истовремено признава дека Македонија е поделена. Полизос спомнува „грчки и бугарски дел“, осврнувајќи се на фактот дека Македонија била распарчена, што е општо познато и факт кој што го прифатија сите страни во спорот во кој што е вовлечена Македонија. Тоа се случи во 1913 година кога Македонија беше поделена меѓу Србија, Бугарија и Грција, а еден мал дел во 1919 година и припадна и на Албанија. Сите овие земји ја присвојуваат Македонија, а иронијата да биде поголема, се обидуваа (или продолжуваат да се обидуваат) да го искоренат нејзиното постоење. Значи, уште во 1988 година, кога Грција ја промени добро-познатата политика на одбивање да се признае постоењето на Македонија, Грција ја зафати меѓународно беснило тврдејќи дека „Македонија е грчка“. Меѓутоа, Бугарија тврди дека Македонија е бугарска, Србија вели дека Македонија е српска, а Албанија, иако ги признава етничкото потекло и јазикот, таа и натаму бара дел од македонската територија. Па зошто тогаш треба да ја слушаме Грција? Не треба ли лажните информации од другите балкански држави да ги прифатиме сериозно? Или сепак единствено што можеме е да се придржуваме до здравиот разум, дека Македонија била, е и секогаш ќе биде Македонија”, пишува Николов во текстот објавен во Хил.
Николов додава дека грчките позиции во спорот се расистички и неодбранливи, и дека Грција ја прекрши Времената спогодба со своето одбивање да го дозволи приемот на Македонија во НАТО под привремената референца.