Продолжува предистрагата за „Еко клуб“, од главниот инспектор побарани видеоматеријалите што тој ги снимил

Од:

Надлежниот јавен обвинител денеска до Единицата за економски и компјутерски криминал издаде наредба од мобилниот телефон на главниот инспектор во Град Скопје да бидат издвоени видеоматеријалите што тој ги снимил, со цел тие да бидат обезбедени на законит начин, во рамки на предметот за третманот на медицинскиот отпад од страна на фирмата „Еко клуб“ од Битола.

Од страна на Град Скопје дополнително на 31 јануари преку архивата на обвинителството е доставено ЦД со определени материјали, се наведува денеска во соопштението на Основното јавно обвинителство Скопје, во кое ОЈО ја информира јавноста дека кривичната пријава за третманот на медицинскиот отпад од страна на „Еко клуб“ ја поднесе главниот инспектор на 13 декември минатата година, три дена откако го забележал настанот.

При поднесувањето на пријавата, подносителот не доставил материјални докази, а за настанот не е приложена ниту службена белешка, ниту записник за констатирани неправилности од страна на подносителот-инспектор.

Веднаш, истиот ден по приемот на кривичната пријава, дежурниот јавен обвинител пред кој бил пријавен настанот и кој изготвил записник за прием на кривична пријава, издал наредба до СВР Скопје за да се направат неопходните проверки со кои ќе се обезбедат докази во поглед на наводите во пријавата.

СВР-Скопје постапило по наредба и до ОЈО било доставено известување со обезбедени и приложени писмени докази.

Во соопштението на ОЈО се наведуваат доказите: писмен допис од Државниот инспекторат за животна средина со Записник за извршен инспекциски надзор од 12.12.2019 година, како и Решение од тој инспекторат со кој се задолжува правното лице кај кое бил извршен надзорот да изврши мерење на емисии на гасови во воздухот од емитерот на автоклавот за третман на медицински отпад, годишен извештај за постапување со отпад од 30.01.2019 година со пропратна документација, извештај за тестирање кој се однесува на мерење и анализа на концентрацијата на загадувачки супстанции во отпадните гасови од емитер од 23.02.2018 година, договор за вршење услуга – третман на отпад од 04.10.2017 година склучен меѓу „Дрисла“ ДОО Скопје и „Еко клуб“ – Битола, дозвола за вршење дејност – собирање и транспортирање на опасен отпад од 18.11.2016 година издадена од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Доставени се и дозвола за вршење дејност – складирање и третман на опасен отпад од 03.11.2016 година издадена од Министерството за животна средина и просторно планирање, одобрение за вршење на превоз на опасни материи во патниот сообраќај од 01.06.2018 година, издадено од Министерството за транспорт и врски, тековна состојба за правното лице „Еко клуб“ – Битола, податоци за правните субјекти со кои „Еко клуб“ соработувал во вршењето на дејноста, елаборат за животна средина за поставување на постројка за дезинфекција на медицински отпад од септември 2016 година и решение за одобрување на тој елаборат од Министерството за животна средина и просторно планирање и фотодокументација за затекната состојба во просториите на правното лице на 13.12.2019 година, кога по наредба на јавниот обвинител беше извршен увид на лице место.

-Од направените проверки од СВР Скопје и од досега обезбедените писмени докази, Обвинителството во предистражна постапка утврди определени факти од значење за пријавениот настан. За целосно утврдување на фактичката состојба, Обвинителството ја продолжува предистражната постапка, се вели во соопштението.

Исто така, до Државниот инспекторат за животна средина е издадено барање за достава на податоци за сите дополнителни проверки и за констатираните состојби во постапувањето со медицински отпад од страна на правното лице, а до Управата за финансиска полиција беше издадена наредба за проверки во поглед на финансиското работење на правниот субјект.

Овој предмет во Основното јавно обвинителство Скопје беше оформен по непосредно доаѓање на Главниот инспектор во Град Скопје три дена откако тој ги констатирал состојбите на терен. При неговото доаѓање, тој на записник пред дежурниот јавен обвинител го пријави настанот, за што беше изготвен записник за прием на кривична пријава, а обвинителството постапи веднаш, истиот ден. Основното јавно обвинителство Скопје и надлежниот јавен обвинител по овој предмет постапуваат итно, со даден приоритет и согласно Законот за кривична постапка. Во зависност од сите направени проверки и од обезбедените докази од надлежните државни институции ќе биде донесена мериторна јавнообвинителска одлука, се додава во соопштението.

Би можело да ве интересира

Пијан скопјанец пред сопругата и децата пукал и тешко ранил познаник

Скопјанец пријавил сексуално злоставување на неговата малолетна ќерка

Скопјанец со нож и се заканувал на сопругата

Арсовска: Нашето Скопје треба да се сака со тоа што заедно ќе работиме да имаме поубав град

Скопјанка го нападнала сопругот и свекорот, па искршила дел од покуќнината

СДСМ: Скопје најзагаден град, а власта на ВМРО-ДПМНЕ не презема ништо за загадениот воздух