Судењето за случајот „Титаник“ за изборни нерегуларности денеска во Кривичниот суд продолжи со изведување на материјални докази предложени од Специјалното јавно обвинителство. Од вкупно 5 илјади најавени материјални докази, обвинителката Лиле Стефанова пред судот досега има изведено над 2 илјади.
Во судницата се презентираат изработени лични карти, барања за издавање на лични карти, изјави за ополномоштени лица, извадоци од сметки, потврди и останати документи.
Во случајот „Титаник“ обвинет е експремиерот кој доби азил во Унгарија, Никола Груевски, поранешниот генерален секретар на владата, Кирил Божиновски, ексминистрите Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска како и Билјана Бришковска Бошковски, Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристоски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешовиќ и Ленка Рашајковска.
На обвинетите им се ставаат на терет делата злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата и определување на избирачите, поткуп при избор и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.
Виктор Јованов