Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) соопшти дека состојбата со здравственото осигурување на вработените во Министерството за внатрешни работи не е последица на технички проблем или застој во системот на Фондот.
Од ФЗО појаснуваат дека во МВР се евидентирани вработени кои се вратени на работа врз основа на судски одлуки, но за дел од нив во моментот нема евидентирана соодветна уплата на придонесите за здравствено осигурување за периодот за кој се пријавени.
„Станува збор за системски воспоставен механизам кој подеднакво се применува за сите правни субјекти во државата“, велат од Фондот.
Пријавувањето на вработените, пресметката и уплатата на придонесите се поврзани со системот за наплата на придонесите преку Управата за јавни приходи, додека ФЗО го евидентира статусот на осигурувањето врз основа на податоците за извршената уплата.
Од Фондот објаснуваат дека кога дополнително се пријавуваат вработени за претходен период, потребно е да се направи корекција на пресметката на платата за тој период и да се доплатат придонесите и за дополнително пријавените лица. Откако уплатата ќе биде евидентирана, здравственото осигурување се активира автоматски.
ФЗО нагласува дека не станува збор за поединечна административна одлука или рачно исклучување на осигурениците од страна на вработените во Фондот.
„Процесот е системски и автоматизиран и истите правила важат за сите работодавачи и институции без исклучок“, соопшти ФЗО.
Оттаму посочуваат дека и самиот Фонд во минатото се соочил со идентична ситуација кај сопствените вработени, што, како што велат, дополнително потврдува дека механизмот се применува еднакво кон сите правни субјекти.
Во институции со голем број вработени, како што е МВР, дополнителното пријавување лица за претходен период врз основа на судски одлуки може да има поширок ефект доколку навреме не се направат потребните корекции и уплати на придонесите.
Од ФЗО информираат дека во моментов нивни претставници се во директна координација со Министерството за внатрешни работи за спроведување на потребните постапки и надминување на состојбата во најкраток можен рок.
Фондот ги ставил на располагање потребните податоци и стручна поддршка во рамките на своите надлежности.
ФЗО апелира до сите институции и работодавачи, при враќање или дополнително пријавување вработени за претходен период, особено врз основа на судски одлуки, навремено да ги спроведат и корекциите на пресметката и уплатата на придонесите.
На тој начин, според Фондот, ќе се избегнат ситуации во кои привремено би можел да биде засегнат статусот на здравственото осигурување.
Од ФЗО истовремено апелираат прашањето да не се политизира и да не се создава непотребна загриженост кај осигурениците.
„Станува збор за јасно утврдена системска постапка која подеднакво важи за сите правни субјекти, а по евидентирањето на потребната уплата здравственото осигурување автоматски се активира“, се наведува во соопштението.
