Речиси година и половина помина по агресивниот коронавирус што го зафати светот, кога и најбогатите држави се соочија со тешки последици по здравствениот систем и неможност да се справат во целост со проблемот. Но, најсиромашните држави, оние каде здравствениот систем и претходно не функционираше согласно очекувањата на граѓаните, го доживеа најкатастрофалното сценарио: и оние кои и дотогаш немаа пари за достоинствен живот, се најдоа пред шалтерите од приватните лаборатории, плаќајќи енормни суми пари за испитувања, во случаи кога државата не можеше да им ги обезбеди навремено тие услуги. Приватно се плаќаа ПЦР тестови, брзи тестови, се испитуваа антитела, се правеа крвни слики, Д-димери, а дел од граѓаните во неможност да дојдат до болнички кревет позајмуваа пари и земаа кредити за да ги сместат најблиските во приватните болници за кои се плаќаа аванси и до 12 илјади евра.
Од сето ова, очекувано, најголемиот профит го имаа приватните болници и лаборатории. Доколку државниот систем функционираше онака како што треба, можеби граѓаните и немаше да ги потрошат овие енормни суми од сопствен џеб, но профитот што го остварија приватните установи зборува за една круцијална работа – тие ги искористија минималните можности на државата.
Истражувањето што го направи „А1он“, анализирајќи ги завршните годишни сметки на здравствените установи кои вршеа лабораториски испитувања за време на корона-кризата покажуваа енормен раст, не толку во делот на приходите, туку во делот на нето-добивката што ја оствариле. Со оглед на тоа што не бевме во можност да ги анализираме единствено лабораториските испитувања, бидејќи дел од здравствените установи вршат и други дејности, ги прикажуваме конечните приходи и добивки споредбено, меѓу 2019 и 2020 година од официјалните документи.
Па така, приватната лабораторија „Биотек“ во 2019 година имала приходи од околу половина милион евра, а годината ја завршила со добивка од околу 20 илјади евра.
Во март 2020 година во Македонија влегува коронавирусот.
Државата потфрла, па има луѓе со сериозни симптоми на Ковид-19, кои успеваат да добијат термин за тестирање на државна сметка дури после 14 дена, кога симптомите можат или да поминат, или пак да се влошат. Во неможност да чекаат во неизвесност, тие се обраќаат до приватните лаборатории, кои веќе наголемо ги пласираат рекламните пораки за ПЦР тестови. Сето ова, носи пари, но и во исто време и навремено дијагностицирање, што некогаш може да спаси живот.
Па така, според завршната сметка на „Биотек“, 2020 година завршува со приходи од 2,8 милиони евра и нето добивка од 1,5 милиони евра. Со други зборови, добивката на оваа приватна лабораторија е за 77 пати повисока од 2019 година, а приходите се повисоки за повеќе од 5 пати.
Пред приватната лабораторија „Авицена“ исто така секојдневно гледавме и гледаме стотици граѓани кои вршат лабораториски проверки поради коронавирусот. ПЗУ Авицена лабораторија – Скопје во 2019 година имала приходи од 2,2 милиони евра, а добивка од над 175 илјади евра. Веќе наредната година, приходите на оваа лабораторија во Скопје се зголемуваат двојно, на 4,6 милиони евра, а добивката на 1,5 милиони евра, односно девет пати повеќе.
Лабораторијата „Синлаб“ во 2019 година, според завршната сметка, имала приходи од 1,8 милиони евра, а веќе во 2020 година, приходите растат на 2,4 милиони евра. Расте и добивката, од 94 илјади евра на 432 илјади евра, односно за четири пати повеќе.
Лабораториски испитувања се вршеа и во приватните болници „Жан Митрев“ и во „Систина“. Според годишните извештаи, не бевме во можност да видиме точно колку пари од граѓаните се одлеале во овие две болници за лабораториски испитувања бидејќи станува збор за болници кои вршат различни дејности, но сепак, бројките зборуваат дека приходите и профитот на овие две институции рапидно растат за време на корона-кризата.
Во Клиничката болница „Жан Митрев“ се хоспитализираа лица со тешка клиничка слика како последица на Ковид-19, а истовремено се вршеа и тестирања. Приходите на оваа болница не се драстично зголемени во однос на 2019 година. Ако тогаш болницата имала приходи од 21,6 милиони евра, во 2020 година тие се зголемуваат на 27,7 милиони евра. Она што расте е добивката – од 4 милиони евра во 2019, во 2020 е двојно зголемен, на 8,1 милиони евра.
Сличен е случајот и со Клиничката болница „Систина“ – во 2019 приходите се 38,9 милиони евра, а во 2020 година 41,3 милиони евра. Расходите се намалуваат, но расте добивката – во 2019 е 3,1 милиони евра, а веќе наредната година, кога короната зема замав, таа се качува на 5,8 милиони евра.
Според последните податоци од Институтот за јавно здравје, во земјава до саботата биле извршени 872.894 тестирања за Ковид-19. Од нив, надвор од државните институции (Центрите за јавно здравје, ГОБ 8 септември, Судска медицина, МАНУ…), 69.938 PCR тестови за Ковид-19 биле направени во „Жан Митрев“, 90.081 во „Авицена“, 92.252 во „Биотек“, 76.117 во „Систина“, 45.389 во „Лаор“, 14.159 во „Синлаб“, 6.197 во „Ремедика“ итн…
Но, тоа не е се. Граѓаните правеа и крвни слики, проверуваа Д димери и антитела во приватните лаборатории, а ниту едно од овие испитувања не е евтино, иако, според советувањата на дел од експертската јавност не е ниту неопходно, но паниката го направи своето па граѓаните во неможност да добијат термин, овие испитувања ги вршеа во приватни установи.
Според објавените цени на веб-страниците на лабораториите во моментов, да се направи PCR тест во „Авицена“ чини 2.000 денари, а проверка на антитела по спроведена вакцинација е 1.200 денари. Проверка на антитела во „Биотек“ чини 800 денари, а PCR тестот исто така чини 2.000 денари, нешто што на многу лица од земјава кои не се вакцинирани им е потребен ако сакаат да одат на годишен одмор надвор од земјава. Па така, се нудат фамилијарни пакети за PCR тестирања, како што тоа го прави „Систина“, каде што ургентниот PCR, според нивната веб-страница, чини 9.000 денари.
Во „Жан Митрев“, пак, брз антигенски тест чини 1.500 денари, регуларен PCR тест е 2.900 денари, „пулинг“ PCR тест (групирање на неколку примероци) е 1.500 денари, а брз PCR тест, каде резултати се добиваат за 50-60 минути чини дури 12.000 денари.
Министерот за здравство, Венко Филипче, во април годинава изјави дека „државата нема формално-правен механизам да им наложи на приватните болници да ги намалат цените“. Ова тој го кажа како одговор во врска со јавните критики за „превисоките цени во приватните болници за лекување од Ковид-19“.
По средбата со надлежните лица од приватните болници, само од „Жан Митрев“ соопштија дека одлучиле да ги намалат цените за лекување ковид-пациенти за 10 отсто, а од „Систина“, како што рече Филипче, кажале дека нема да ги намалат цените затоа што им е економски неисплатливо.
Сепак, произлезе дека државата сепак има формално-правен механизам, па пред два месеца, Владата ги утврди измените и дополнувањата на Законот за здравствена заштита со кои, меѓу другото, Министерството за здравство доби дополнителни овластувања во услови на кризна состојба прогласена заради заштита на јавното здравје и прогласена епидемија или пандемија на заразна болест.
„Со предложените измени се уредува и начин на вршење на здравствена дејност од страна на приватните здравствени установи при утврдено постоење на кризна состојба заради заштита на јавното здравје и прогласена епидемија или пандемија на заразна болест, а на Владата и се овозможува законско овластување да определува највисоки цени во приватните болници во висина на референтните цени утврдени од страна на Фондот за здравствено осигурување за да се овозможи овие услуги да бидат подеднакво економски достапни за сите граѓани, со што ќе се заштити јавното здравје и економските интереси на сите граѓани. Со предложените законски измени е предвидено и користење на ресурсите на приватните болници доколку условите го наложуваат тоа согласно состојбата предизвикана од пандемијата во име на заштита на јавното здравје и се забранува преземањето на здравствените работници од јавното здравство од страна на приватните здравствени компании“, стоеше во владиното соопштение од април годинава.
Измените и дополнувањата на Законот за здравствена заштита беа испратени на усвојување во Собранието по скратена постапка, а во нив се предвидени и измени во делот на глобите за прекршоци доколку приватните здравствени установи не постапуваат согласно законските одредби.
„Бројот на новозаболени од COVID-19, заедно со бројот на пациенти кои треба да бидат хоспитализирани, неизбежно го наметнува прашањето за универзалното право на пристап до здравствена заштита. Притоа, во услови кога 85.000 македонски граѓани живеат со 40 денари дневно и речиси секој четврти преживува со не повеќе од 126 денари на ден, приватните здравствени услуги од повеќе илјадни евра не можат да се сметаат како овозможен пристап за ползување на ова човеково право“, стои во предлог-измените на законот кои беа усвоени во Собранието месецов.
На предлог на претседателот на Комисијата за здравство, Арбен Зибери, во законските измени преку амандман се регулирани и цените на лабораториите. Во измените стои дека „на лицата кои здравствените услуги за детекција на заразна болест (со PCR метода на земен материјал назофарингеален и орофарингеален брис и бронхоалвеоларен лават, во микробиолошка лабораторија или со примена на друга метода одобрена од Министерството за здравство), ги плаќаат со лични средства, овие здравствени услуги ги даваат по цена согласно ставот 2“. Ова значи дека Владата определува највисоки цени на здравствените услуги во висина на референтните цени утврдени од Фондот за здравствено осигурување заради овозможување услугите да бидат подеднакво економски достапни за сите граѓани и за заштита на јавното здравје и на економските интереси на сите граѓани.