Приоритет на ЕК почнување преговори со земјава, изборите се важни и ќе ја одредат рамката за европската перспектива

Од:

Еден од приоритетите на Европската комисија за 2020 година е започнување преговори за членство со Северна Македонија и Албанија. Европската комисија ветува дека ќе „продолжи да притиска за отворање на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија“, а паралелно ќе се посвети на подобрување на процесот на зачленување во ЕУ, преку нова методологија и засилена инвестициска рамка. За известувачот на Европскиот парламент за земјава Илхан Ќучук, пак, претстојните предвремени парламентарни избори се многу важни бидејќи ќе ја одредат рамката за европската перспектива на земјата.

Во работната програма што ја усвои вчера, ЕК наведува дека е посветена да го продлабочи партнерството со Западниот Балкан, регионот со кој дели многу.

– Кредибилна пристапна перспектива за регионот е од огромно стратегиско значење за Европската Унија и за самиот регион, ова ќе биде потврдено во придонесот на Комисијата на Самитот ЕУ – Западен Балкан во Загреб во мај 2020, стои во работната програма на Еврокомисијата за годинава.

Во исто време, известувачот на Европскиот парламент за Северна Македонија Илхан Ќучук, во интервју за „Јуропеан Вестерн Балкан“, оцени дека претстојните предвремени парламентарни избори се многу важни бидејќи ќе ја одредат рамката за европската перспектива на земјата.

Тој очекува Владата што ќе биде формирана по изборите да го продолжи европскиот пат и започнатите реформи и потсетува дека земјата во изминатите две години направи тешки компромиси, покажа политичка храброст и визија, го реши спорот за името и воспостави добрососедски односи, со што повеќепати докажа дека му припаѓа на европското семејство.

Клучни приоритети и на постизборната влада, според него, треба да бидат владеењето на правото, борбата со корупцијата.

Ќучук не очекува пробламатизирање на изборите, како што е случај во некои од земјите во регионот, укажувајќи дека Договорот од Пржино, кој беше донесен како политички компромис, е клучниот фактор што ја разликува Северна Македонија од нејзините соседи.

Бугарскиот европратеник и известувач на ЕП за Македонија, кој в петок доаѓа во Скопје во рамките на процесот „Жан Моне“, смета дека една од грешките што ги направи ЕУ во последните години е тоа што не ги гледаше внимателно сигналите што доаѓаа од регионот.

– Пристапниот процес беше воведен од ЕУ како водилка на земјите за обврските што треба да ги исполнат. Неопходно е регионот да добие потврда за неговата европерспектива, вели Ќучук.

За францускиот предлог за промена на методологијата за проширување, Ќучук вели дека забелешките на Париз треба да бидат разгледани, како и предлозите што доаѓаат и од други земји членки на Унијата.

– Дебата за реформа на преговарачкиот процес треба да има, но мора да е јасно оти интеграцијата на Северна Македонија и на Албанија во ЕУ нема алтернатива. ЕУ секогаш им кажувала на земјите од Западен Балкан дека е строга, но фер. Тие можеа да се уверат во нејзината строгост, но сега е време да бидат убедени и дека е фер. Европскиот парламент и Европската комисија во своите извештаи јасно кажаа дека Северна Македонија целосно ги исполни условите за отворање на преговорите со ЕУ, но дискрепанцијата настана во Советот на ЕУ каде што се донесуваат одлуките, истакнува Ќучук.

Вицепремиерот Бујар Османи вчера, за време на средбите во Државниот завод за ревизија, рече дека Самитот на ЕУ што ќе се случува на 26 март, тоа ќе биде четврти ден од предизборната кампања во земјава, што, според него, значи дека тоа што ќе се случи во предизборниот период, но во самата изборна кампања ќе се одрази на впечатокот што како држава ќе го создадеме пред земјите членки на денот кога ќе се донесе одлуката.

Коментирајќи ја изјавата што ја дал дека недонесувањето одлука на 26 март од ЕУ ќе значи мешање во изборниот процес, Османи рече дека доколку има позитивна одлука, тогаш сите политички партии ќе имаат добивка од тоа, бидејќи, вели, секоја на свој начин придонела за ние да стигнеме до одлука за преговори.

– Меѓутоа недонесувањето на одлуката значи на некој начин мешање во изборниот процес бидејќи ЕУ нема да го исполни својот дел од договорот, а тоа е дека доколку ние испорачаме и ЕУ ќе испорача. Врз основа на овој договор ние ги направивме сите реформски зафати, меѓутоа ги затворивме и големите политички прашања. Договорот со ЕУ е и во основа на успехот на затворање на овие прашања и доколку едната страна не го исполни својот дел од договорот тоа значи дека влијае во наративот што ќе се создаде во државата по таа неодлука, рече Османи.

Според него, поинаква смисла ќе има една одлука во март, бидејќи ќе биде дел од наративот што, вели, го создадовме во овој период – ако испорачате вие, ќе испорачаме и ние, додека одлука во јуни има сосема поинаков карактер, односно е повеќе бирократска одлука за тоа дали сте исполниле одредени критериуми, но не е дел од наративот што го создадовме во овој момент.

Би можело да ве интересира

Акцијата „Моби Дик“ една од најголемите во ЕУ – даночно затајување од 520 милиони евра

А1он

Глобална трговска војна, Британија избира помеѓу САД или ЕУ

Косачов: Европската Унија нема да опстане без Русија и БРИКС

Блумберг: Лидерите на ЕУ го повикаа Бајден да ја зголеми помошта за Украина пред доаѓањето на Трамп

Вучиќ: ЕУ треба да ја промени стратегијата кон Западен Балкан, но и кон Србија

Рама: Извештајот за напредокот на Албанија за 2024 година најпозитивен до сега

А1он