Државниот испитен центар денеска преку допис ги информираше сите средни училишта во Република Македонија за структурата, динамиката на активностите и процедурите за непречена реализација на државната матура, која во учебната 2014/2015 година ќе се имплементира согласно досегашната Концепција за државна матура и завршен испит, односно полагањето на тестовите ќе се врши единствено во писмена форма и предметот математика ќе биде изборен за сите ученици.
Учениците од завршните години во гимназиското образование, според Државниот испитен центар, потребно е во текот на денешниот, а заклучно со утрешниот ден, до училиштата да достават нова пријава за полагањето државна матура, објавена на интернет страницата www.matura.gov.mk.
За оние кандидати кои нема да поднесат пријава во овој рок ќе важи последната доставена пријава до училиштето.
Екстерните испити од државната матура по мајчин јазик и литература ќе се реализираат на 11 јуни, по странски јазик на 15., математика на 17. и хемија, физика, биологија, историја, бизнис, филозофија и естетика на 19 јуни.
Сите испити, како што соопшти Државниот испитен центар, почнуваат во 10 часот.
Прелиминарните резултати од екстерните испити на кандидатите ќе им бидат достапни најдоцна 30 дена од спроведувањето на последниот екстерен испит.