Презентирани резултати од проект на НАкС за унапредување на квалитетот на високото образование

Од:

Практична настава што ќе им овозможи вештини и инфраструктурни услови за нејзино спроведување, пристап до современа литература, подобрување на непосредната комуникација со наставниците… се меѓу предлозите на македонските студенти од јавните универзитети, како да се унапреди квалитетот на високото образование. Тие се, главно, задоволни од квалитетот, но само од теоретската настава.

Според студентите, крајно ограничено е нивното влијание за подобрување на содржините на студиските и на предметните програми, начинот на изведувањето на наставата и севкупното функционирање на високообразовните установи. Ова особено се однесува на третманот на резултатите од самоевалуациите – анкетите кои се задолжителна обврска на студентите, но имаат различен третман од страна на установите.

Независниот академски синдикат (НАкС) спроведе истражувачки проект „Квалитетот на наставата во високото образование“, финансиран од Фондацијата Отворено општество Македонија, и денеска промовираше еден од три документи за јавни политики произлезени од проектот.

Документот е насловен „Унапредување на квалитетот на високото образование – студентски перспективи“ на експертскиот тим – професорите Неда Здравева, Мира Беќар и Зоран Велковски, и претставникот на студентите Борјан Ефтимов. Тие денеска ги презентираа наодите и ги соопштија заклучоците и препораките. Документот нуди предлози за решенија што би требало да ги подобрат состојбите, онака како што тие се согледани од студентите.

Во истражувањето се разработени три клучни области од перспектива на студентите – квалитетот на студиите и на образовниот процес, можноста студентите да влијаат во донесувањето одлуки и евалуацијата како систем за обезбедување квалитет на национално ниво и на ниво на факултетите.

Наодите покажуваат дека според студентите на државните универзитети, државата треба да ја преземе и доследно да ја реализира обврската за унапредување на инфраструктурата и создавање просторни можности и ресурси за непречено одвивање на високообразовниот процес.

Се потенцира важноста од создавање студиски и предметни програми што ќе овозможат соодветен развој на вештини преку практична настава и работа, со цел да се подобрат компетентноста и компетитивноста на студентите на пазарот на трудот.

Се даваат предлози и за унапредување на системот на работа на административно-стручните служби и особено за дигитализација а административното работење.

Нотирано е дека дел од состојбите се резултат на тоа што сѐ уште не е заокружена правната рамка на високото образование. Иако Законот за високо образование е во сила пред повеќе од три години, не се донесени подзаконски акти со кои се уредуваат некои клучни прашања за унапредување на квалитетот, а едно од нерешените прашања е и системот на финансирање на високото образование.

Покрај документот за јавни политики „Унапредување на квалитетот на високото образование – студентски перспективи“, кој беше претставен денеска, во рамки на проектот на НАкС се изработени уште два документа за јавни политики кои ќе бидат промовирани на 21 и на 27 ноември – „Квалитетот на наставата во високото образование и науката и услови за повисоки стандарди“ и „Присуството во јавноста на академскиот кадар и високообразовните установи и нивното влијание во заедницата“.

Би можело да ве интересира

НАкС: Потребно транспарентно финансирање, а не зголемување на студентската партиципација

Кандидатите за ректор на УКИМ се претставија на трибина организирана од НАкС

Ана Ололовска

НАкС: Синдикалното здружување вреди

Ана Ололовска

НАкС: Поддршка за студентите за зачувување и унапредување на студентскиот стандард

Ана Ололовска

НАкС се приклучува кон барањата за усогласување на платите врз основа на зголемувањето на минималната плата

Ана Ололовска

НАкС: Покачувањето на минималната плата е чекор напред, очекуваме зголемување и на другите плати согласно колективните договори

Ана Ололовска