Кандидатите за ректор на УКИМ се претставија на трибина организирана од НАкС

Од:

Вработување млад кадар, солидно финансирање, атрактивни студиски програми и вложувања во научни истражувања се залагања на сите кандидати за ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје кои вечерва беа на трибина на Факултетот за драмски уметности, организирана од Независниот академски синдикат (НАкС). Пред професори од факултетите на УКИМ по три клучни сегменти од нивните програми за работа претставија кандидатите Горан Ајдински, Ратко Дуев, Атанас Кочов, Христина Спасевска и Димитар Ташковски. На трибината не присуствуваше кандидатката Биљана Ангелова.

-Да срушиме една девијација – култот на ректорот, ректоратот да биде сервис на единиците на УКИМ, а не тие да бидат негов сервис. Тогаш работите ќе тргнат на подобро, рече проф. д-р Горан Ајдински од Филозофскиот факултет.

Укажа дека на повеќе од половина од факултетите нема асистенти и дека УКИМ ќе „умира“ без вработување млад академски кадар. Втор горлив проблем, рече, се ниските примања на професорите и дека е „драматична состојбата“ со науката и научните истражувања кои наместо државата ги финансираат од сопствени средства.

-Ќе треба да притиснеме, не да замолиме, силно да лобираме за Владата да нè планира од оваа за буџетот за наредна година, истакна Ајдински. Тој ќе се залага и за основање тело во ректоратот за поддршка во пишувањето проекти и за аплицирање во меѓународни фондови. Во просек има по два-три проекта на секој факултет и тоа, рече, треба да го мултиплицираме.

Проф. д-р Ратко Дуев, актуелен декан на Филозофскиот факултет, рече дека ректоратот треба да биде крвотокот што ќе им биде помош на сите единици во состав на УКИМ и дека успехот е во нивното единство, а не во одделеност. И тој како прв приоритет ги има човечките ресурси и подмладување на кадарот, но ниските плати за асистент, рече, се причина за неатрактивност.

Во состојба кога 85 отсто од приходите се од студенти, рече Дуев, а имајќи предвид дека за околу десет илјади е намален бројот на матуранти од 2011 до 2023 година, „се соочуваме со проблем што мора да го решаваме“.

-Финансирањето не треба да биде само од државата туку да се користат и странски фондови и преку систем на донации, истакна Дуев, според кого за капитални инвестиции и за подобрување на просторни услови, опрема и лаборатории треба да се наменат и средствата што не се трошат и стојат на сметката на Ректоратот.

Проф. Атанас Кочов од Машинскиот факултет истакна дека на универзитетот му е потребен лидер и за тоа треба да работи тимски, односно со сите вработени на Универзитетот. Кажа дека  УКИМ никогаш досега не бил на толку ниско ниво, „паднат на коленици“, 27 министри за образование досега од година во година го ничкосувале, и неправедно се става во ист кош со 33 акредитирани високи школи.

-Од буџетот на МОН, само 2,2 отсто се доделени на УКИМ. За разлика од него, „Мајка Тереза“ има добиено 17 отсто. Дури и Штипскиот има повеќе проценти добиено од нас. Тоа значи дека државата не води грижа, а УКИМ е најстариот, најдобриот, најквалитетниот и треба да биде стожер, тој е научната, културната ризница на Македонија и нема ниту еден кадар на другите универзитети кој не излегол од УКИМ, рече Кочов.

Посочи дека УКИМ три години нема финансиски ревизор и нема Универзитетски совет, што е проблем во неговото функционирање. Ќе се залага да се види, како што рече, кои се средствата што влегуваат во УКИМ и со колкави средства располага од недвижен имот. Она што не може државата да го даде, тој го гледа во склучување стратешки партнерства со Европскиот истражувачи центар. Тој има стратегија за развој на УКИМ во наредните десет години која се темели на донесување стратегија за паметна специјализација – обврска на земјава што и наметната од ЕУ.

Проф. д-р Христина Спасевска од Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ), која е и актуелна проректорка за настава, смета дека ректорот е еден од еднаквите меѓу 1500 вработени на УКИМ, кој, како што рече, се нафатил три години да ги спроведува нивните потреби. 

-УКИМ да биде четвртата институција во државава, но не ректорот да биде четврти човек и да се укинат сите негови дискрециски права, рече Спасевска.

Таа ќе се залага за целосна имплементација на Законот за високо образование донесен во 2018 и за транспарентни механизми, најпрво во финансирањето. За да се преговара за финансирање, рече, ако државата не знае колку чини квалитетно високо образование, УКИМ треба да си направи свој систем во кој со „реални бројки“ ќе се знае точно колку чини секоја студиска програма.

Рече и дека Универзитетот мора да се посвети на што повеќе проекти и на факултетите да има ново вработување по секое пензионирање.

-УКИМ е на „ниски гранки“ и треба да го фатиме последниот воз за да се приклучиме во европскиот образовен простор, порача проф. д-р Димитар Ташковски од Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ).

Тој ќе се залага за современи студиски програми компатибилни со европските и тука, рече, не смее да се импровизира. За да има квалитетно високо образование, рече Ташковски, ќе има дефинирани критериуми/стандарди за акредитирање на секоја студиска програма, како што се врвни професори, практична настава, е-учење…

Меѓу приоритетите во неговата програма е основање Фонд за наука и развој затоа што, како што рече, научно-истражувачката работа е клучна за видливоста на УКИМ. Смета дека мора да се снаоѓаат самите додека во тоа ја убедат државата. Притоа посочи дека 80 отсто од сите иновации во светот доаѓаат од високото образование. 

– Без тоа да го сфати државата, нема развој. Поддршката од државата е неопходна, но не е пресудна. Во светот сите средства не доаѓаат од државата туку во соработка со стопанството, додаде Ташковски. 

Фото: МИА

Би можело да ве интересира

Ристов: Непочитувањето на колективен договор на УКИМ е кршење на принципот на владеење на правото

НАкС: Потребно транспарентно финансирање, а не зголемување на студентската партиципација

Ќе се зголемува школарината за студентите: Предлогот за поскапување испратен до студентските собранија

Орце Костов

Професори од УКИМ бараат пријавата против ректорката Ангелова да биде приоритет за Антикорупциска

Катерина Ѓуровски

Професори од УКИМ поднесоа пријава до Антикорупциска против рекорката Биљана Ангелова

Уписи на УКИМ – слободни 10 473 места за бруцоши на 23-те факултети