Презентирани новите образовни програми на Европската унија

Од:

Македонските студенти, професори и научници имаат можност да ги искористат поволностите што ги нудат новите седумгодишни (2013-2020) образовни програми на Европската унија: „Еразмус плус“ и „Хоризонт 2020“, кои денеска беа презентирани на Економскиот факултет на Универзитет „Св. Кирил и Методиј“-Скопје.

„Еразмус плус“ се надоврзува на претходните европски образовни програми „Млади во акција“ и „Доживотно учење“, а „Хоризонт 2020“ е една од најголемите програми на ЕУ за наука во која влегува досегашната Седма рамковна програма (FP7).

Промоцијата на новите образовни програми почна од УКИМ како најстара и најголема високообразовна институција која повлекла и најмногу средства  (меѓу 50 и 60 отсто) од претходните програми (2007-2013).

– „Хоризонт 2020“, која се однесува на иновативни проекти и истражувања, ќе поттикне голем дел од младите, како и научниот кадар, да работат на креативни идеи кои ќе се финансираат од ЕУ, а „Еразмус плус“ ќе им овозможи размена на студентите и стекнување искуство на европските универзитети. Тие се надвор од претпристапните европски фондови-ИПА. Пораката до студентите, наставниот кадар и научниците е дека интеграцијата во Европската унија е повеќе од реформи и менување закони, туку е целосно менување на начинот на живеење и поквалитетен живот. Досега, од 2007 до 2013 година, надвор од ИПА-фондовите се искористени околу 40 милиони евра од разни институции во земјата, универзитети и приватниот сектор во различни програми на Унијата. И во наредните седум години и се дава можност на Република Македонија да учествува во програмите на Унијата како земја-кандидат, изјави вицепремиерот за европски прашања Фатмир Бесими.

Покрај програмите од ЕУ, младите финансиски се поддржани и со домашни стипендии. Секретаријатот за европски прашања секоја година доделува 12-месечна стипендија „Габриела Коневска-Трајковска“ за постдипломски студии од областа на евроинтеграциите. Годинава ќе бидат доделени четири со вкупна вредност од околу 85.000 евра.

Министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми истакна дека „Еразмус плус“ и „Хоризонт 2020“ се важни за македонскиот образовен процес.

– Затоа што даваат можност за искористување на тие средства, но и за соработка на нашите институции со европските. Ги повикувам сите да бидат поактивни, да аплицираат за искористување на средствата. МОН стои на располагање, веќе формиравме имплементациска единица која ќе ги следи овие програми и ќе нуди директна помош за сите апликанти, истакна Адеми, додавајќи дека во последните три-четири години се креирани и соодветни услови  т.е. прилагодување на законите со европските.

Ректорот на УКИМ Велимир Стојковски истакна  дека УКИМ активно учествува во создавањето европски високообразовен простор преку интернационализација и мобилност на првите 500 универзитети рангирани според Шангајската листа.

– Од 2009 година УКИМ е активен партнер во повеќе програми за мобилност на студентите и наставниот кадар… кои вклучуваат партнерство со 33 реномирани европски универзитети. Од 2009 година до денес на нашиот универзитет се остварени повеќе од 500 мобилности на сите нивоа – од универзитетот кон европските универзитети-партнери, а УКИМ, реципрочно, беше домаќин на 85 студенти на сите нивоа на студии и професори од европските универзитети-партнери, рече Стојковски.  Соопшти дека во академската 2014/2015 во рамки на програмата „Еразмус плус“ УКИМ испратил 40 студенти на студии на реномирани универзитети во ЕУ.

Директорот на Националната агенција за европски обрзовни програми и мобилност Дарко Димитров изјави дека досега Агенцијата преку оваа програма доделила 11 грантови на 11 високообразовни институции во вкупен износ од над 900.000 евра.

Седумгодишната програма „Еразмус плус“ на ЕУ, која почна од оваа година, има вкупен буџет од 14,7 милијарди евра, што е зголемување за 40 проценти во споредба со претходните буџети за високото образование.

Би можело да ве интересира

Студентското собрание го презентираше Студентскиот манифест – неопходно е општествените чинители да се запознаат со итноста од преземање на мерки

Вработените на петте јавни универзитети на мирен протест побараа потпишување на колективен договор и изедначување со УКИМ

Горан Наумовски

Ристов: Непочитувањето на колективен договор на УКИМ е кршење на принципот на владеење на правото

Имате стипендии на сметките, не дозволувајте манипулации им порача на студентите министерот Шаќири

Студентите си ги бараат неисплатените стипендии, ќе протестираат пред Министерството за образование

Ректоратот бара, МОН ветува дека нема да се зголеми партиципацијата за студентите

Орце Костов