Претседателскиот центар за политичко образование (ПЦПО) во соработка со Институтот за демократија „Социетас цивилис“ – Скопје ја презентираа анализата „Човек од народот: Анализа за јавното мислење за политичките барања на граѓаните“.
Во рамките на истражувањето се испитуваше довербата на граѓаните во демократските институции, како и во други чинители во политичкиот живот на државата и општеството, како медиуми, граѓански организации и верски организации.
Како што информираат од Кабинетот на претседателот, на презентацијата, д-р Александар Љ. Спасов, претседател на Програмскиот совет на Претседателскиот центар за политичко образование и советник на претседателот за надворешна политика, внатрешна политика и уставни прашања оцени дека популизмот ја минира основата на демократијата.
-Во неговата есенција е антагонизмот кон институционалното демократско решавање на конфликтите во општеството врз основа на принципите на владеењето на правото. Токму затоа, како Претседателски центар за политичко образование го идентификувавме популизмот како една од најголемите закани за демократското политичко уредување. Една од нашите основни задачи е да промовираме и организираме образование во духот на демократските вредности, вклучувајќи ги легитимните идејни разлики што се основата на еден плурален политички систем и пожелни за неговиот развој, а, истовремено, да помогнеме во градењето на консензус во општеството, независно од идеолошките и партиските разлики, дека демократијата и демократските вредности немаат алтернатива, рече Спасов.
М-р Марко Трошановски, претседател на Институтот за демократија „Социетас цивилис“ – Скопје изјави дека темата популизам го доминира светскиот политички дискурс и не нè заобиколува нас.
– Изминатите години сведочевме на популистички тенденции како во либерални демократии но и во срцето на стабилни демократии. Северна Македонија неизбежно ја зафати и тој бран на популистички наративи. Популизмот е голем непријател на демократијата. Системски е многу важно да се адресираат овие предизвици иако се комплексни причините што доведуваат до популистичко владеење. Овој феномен најмногу се рани од недоверба во институциите и политиките кои создаваат голема социјална нееднаквост помеѓу различни групи во општеството. Ова е подол феномен кој што користи демократски јазик за да практикува антидемократски политики. Класична дебата дека говорот на омраза се оправдува со слободата на говор е еден од примерите за тоа како успева да пенетрира во општеството, рече Трошановски.
Вљора Речица, раководителка на центар и истражувачка во Институтот за демократија „Социетас цивилис“ – Скопје, изјави дека истражувањето се обидува да најде одговори околу општествената побарувачка за популистички лидери и политики во Република Северна Македонија.
– Во експерименталното прашање за кој кандидат би гласале на избори, за „политичарот од кариера“ или „човекот од народот“, две петтини од испитаниците (42%) одговориле дека, доколку на парламентарни избори пред нив на гласачкото ливче би биле претставените кандидати, тие би гласале за вториот кандидат, т.е. за кандидатот кој основал своја партија и до моментот на изборите не извршувал јавна функција. Од друга страна, скоро една третина (31%) од испитаниците одговориле дека би гласале за првиот кандидат, т.е. според категоризацијата, за политичарот од кариера. Довербата во најважните институции во рамките на политичкиот систем на Северна Македонија, како што се Собранието, Владата, Претседателот и судството, е на ниско ниво. Највисока оценка на доверба има Претседателот на државата со 4,4, на скала од 1 до 10, додека најниска оценка на доверба има судството, со средна оценка 2,8. Релативно повисока доверба имаат војската, со оценка 5,6, и црквата, со оценка 5,5, а на средината на скалата се здравствените институции и експертите со оценка 5,0, што не е случај со довербата во медиумите, која е оценета со 4,0. Ниско ниво на доверба испитаниците имаат и за политичарите (3,2) и политичките партии (3,4), рече Речица.
Д-р Јован Близнаковски од Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања, Универзитет „Св. Кирил и Методиј” во Скопје (ИСППИ-УКИМ)/надворешен соработник, ИДСЦС истакна дека популизмот оди често рамо под рамо со клиентелизмот, корупцијата и често е поврзан со авторитарни режими.
– Ставот на граѓаните кон политичките елити е многу негативен. Граѓаните ги гледаат политичарите како корумпирани, кои што се грижат само за себе и го изневеруваат народот. Постои нагласена недоверба кон демократските институции и правила на играта, како и разбирање на политиката како борба на народот наспроти елитите, рече тој.
Миша Поповиќ, раководител на центар и постар истражувач во Институтот за демократија „Социетас цивилис“ – Скопје, изјави дека многу често граѓаните чувствуваат оттуѓеност од политичките елити.
-Таа оттуѓеност колку подолго трае овозможува влез на популистичка реторика и упатува на потребата на сеопфатна методологија на управување која што ќе ги вклучува граѓаните во процесот на носење одлуки низ структуриран процес на консултации. Теориите на заговор се интересна категорија затоа што се посреден индикатор на тоа колку се чувствуваат граѓаните отуѓени од општеството. Високи, 72% од испитаниците сметаат дека светот го водат неколку моќни семејства, 65 % мислат дека КОВИД-19 е креиран во лабораторија за да се контролираат луѓето, 46% веруваат дека климата се контролира со сателити и радари, 44% дека се запишани повеќе мртви од КОВИД-19 бидејќи Министерството за здравство давало пари, 46% дека од авиони се прска вирусот, 29% мислат дека климатските промени се измислица и 57% дека големите медиуми шират лаги, рече Поповиќ.