По прв пат во постапката за избор на судии и претседатели на судови сите членови на Судскиот совет поединечно ги образложуваа причините кои се основа за нивниот глас. Оваа обврска произлегува од законските измени, а истата ја практикуваат само за судиите кои се избрани за претседател на суд или за судија во повисок суд, но не и за судиите кои не се избрани, а имаа повисок број бодови од избраните судии.
Ова беше истакнато на презентацијата на Вториот мониторинг извештај за работата на Судскиот совет на Република Македонија за период од октомври 2018 до јануари 2019 година изработен од Институтот за човекови права.
Во извештајот е посочено дека постои подобрување во однос на транспарентноста во начинот на избор на судии со тоа што за време на седниците на Советот кандидатите образложуваат зошто за одреден кандидат гласаат „за“, и воедно одлуките за избор на претседатели и судии се објавуваат на веб страницата на СС и содржат информации за сите пријавени кандидати како: образование, години на стаж, бодови од редовно оценување и националност.
Поранешната судијка во Врховниот суд, Вера Коцо рече дека во квалитетот на изборот се зема предвид анонимната анкета за мислење за кандидатите за судии, но оти резултатите од таа анкета немаат значење во формирањето на ранг-листата.
Во контекст на тоа додаде дека одлуките за избор, иако содржат потатоци за сите кандидати, сепак не содржат образложение зошто одреден кандидат е избран, иако не е прв на ранг- листата.
„Во јануари 2019 година е објавен оглас за избор на нови судии за Управниот суд на РМ, со што ќе се пополнат сите испразнети места во овој суд. Меѓутоа, со најновите законски измени кои се во процедура на усвојување во Собранието на РМ, се предвидува, за судија на Управниот суд да може да биде избрано само лице кое ја завршило почетната обука за судии и јавни обвинители, или има работно искуство од најмалку четири години непрекинат судиски стаж како судија во основен суд до моментот на пријавувањето за избор и кое, од страна на надлежен орган, е оценето со позитивна оцена, согласно со закон, и е меѓу првите пет рангирани кандидати на огласот“, рече Коцо.
На презентацијата беше посочено дека прв пат, по препораките дадени од Институтот за човекови права, Судскиот совет на РМ ја објави листата на кандидати за членови на Советот. Сепак, како што велат од Институтот, оваа листа беше објавена како дел од соопштението за одржана седница, а не како посебно соопштение, со што ќе се обезбедеше поголема јасност за кандидатите.
Од Институтот посочуваат дека во иднина, потребно е, освен листа на кандидати со имиња, да се објави и кратка биографија или линк со биографиите на кандидатите, објавени на веб страните на судовите, со цел сите судии кои дирекно гласаат за член на Советот да бидат запознаени со кандидатите.
На презентацијата беше посочено дека во овој четиримесечен период Судскиот совет расправаше и по точки од дневниот ред кои беа затворени за јавноста – за постапки за утврдување одговорност на судија или претседател на суд. За овие постапки, кои се тајни, нема посебни соопштенија, ниту објавени одлуки за запрена или завршена постапка на страната на Судскиот совет.
„Од околу 150 претставки Судскиот совет поголемиот број ги оцени како неосновани и така им беше одговорено на подносителите. Главно причините се поради тоа што и адвокатите и подносителите воопшто немаат одредени познавања или даваат жалбени наводи и не ги користат другите алатки што им стојат на располагање“, рече извршниот директор на Институтот за човекови права, Мирослав Драганов.
Додаде дека врз основа на големиот број на одбиени претставки и поплаки од страна на Советот како несоновани, јавноста треба да знае дека тој нема надлежност да постапува по жалбените наводи во правните лекови во постапки пред судовите.
Дрангов во оваа прилика со забележа до Здружението на судии дека не ги користи многу можностите што им ги дава законот да присуствуваат на седниците на Судскиот совет кога се утврдува одговорност на судии.