Дел од владејачкото мнозинство во Советот на Општина Битола обвинува дека претседателката на Советот, Габриела Илиевска, го условува изгласувањето на завршната сметка со своите лични и политички барања.
Советот на Општина Битола до 15 март треба да ја изгласа завршната сметка на Општината за 2022 година, но изгласувањето е сè понеизвесно затоа што владејачкото мнозинство ќе го нема потребниот број советници од независната листа на „Поинаку“.
Партиски извори за „А1он“ велат дека Габриела Илиевска, која доаѓа на оваа функција како носител на независната листа на „Поинаку“, го условила мнозинството со гласање за завршната сметка со барање на следните парламентарни избори да биде ставена високо на листата на една од партиите со цел сигурно да биде избрана во следниот парламентарен состав.
„Без гласовите на „Поинаку“, ВМРО-ДПМНЕ и градоначалникот Тони Коњановски ќе немаат мнозинство за да се изгласа завршната сметка. За поддршката во Советот, таа бара да ја стават на кандидатската листа на партијата за следните парламентарни избори. Ако истата одлука не биде изгласана до 15 март, можно е да се случи распуштање на Советот и распишување избори за нови советници во следните шест месеци, односно да повтори сценариото од Тетово, каде што имаше реизбор на советници“, вели за „А1он“ советник од владејачкото мнозинство.
Мнозинството на Советот на Општината го сочинуваат 13 советници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија“, тројца од независната листа на „Поинаку“ и двајца од партијата Левица, а Илиевска беше избрана за претседателка на Советот токму со поддршка на ВМРО-ДПМНЕ и Левица.та
„А1он“ ја побара претседателката Габриела Илиевска, која рече дека не сака да учествува во игрите на партиите.
„Ако некој си прави калкулации, тоа е негов проблем. Сите партиски игри се нивен проблем, не наш. Ние работиме на проекти што Советот ни ги поддржува, а ќе се реализираат со новиот буџет. Во ниту еден момент целта на ‘Поинаку’ не била да уценува или да условува некого. Првпат во историјата двете големи партии немаат комотно мнозинство, а ние коалираме само со нашите гласачи“, изјави Габриела Илиевска.
Прашана дали таа како претседател и двајцата советници од „Поинаку“ ќе гласаат за завршната сметка на Општина Битола, Илиевска рече дека има доволно време за тоа.