Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска го прими началникот на Генералштабот на Вооружените сили на Република Турција, генерал Неџет Озел.
На средбата, соопшти денеска Кабинетот на претседателот, е изразено задоволство од одличните билатерални односи меѓу двете земји, потврдени преку интензивната политичка соработка и континуираните средби на високо ниво.
Претседателот Иванов и генералот Озел изразиле подготвеност за натамошно јакнење на односите и за проширување и продлабочување на соработката.
Како особено значајна претседателот Иванов ја оценил поддршката на Република Турција во однос на аспирациите на Република Македонија за членство во НАТО. Во тој контекст е истакнат фактот дека амбасадата на Република Турција во Скопје од почетокот на оваа година е НАТО-контакт амбасада.
На средбата е истакнато интензивното ниво на соработка меѓу двете земји во областа на одбраната, преку редовни контакти на ниво на министерства за одбрана и на армиско ниво.
Шефот на државата Иванов меѓу другото истакнал дека еден од стратешките приоритети на Република Македонија е регионалната соработка и нејзино интензивирање во областа на економија, енергетика, инфраструктура и други полиња.
Македонскиот претседател го запознал високиот гостин од Република Турција со претстојниот Самит на Процесот за соработка на земјите од Југоисточна Европа и со форумот „Дијалог на цивилизациите“ што на 1-2 јуни ќе се одржат во Охрид и во Струга.