Претседателот на Народното собрание на Бугарија го посети Бигорскиот манастир

Од:

Претседателот на Народното собрание на Република Бугарија Димитар Главчев, придружуван од бугарскиот амбасадор во Република Македонија Иван Петков, го посети македонското древно светилиште „Свети Јован Крстител“, попознато како Бигорски манастир.

– Вториот човек по чест од пријателска Бугарија беше достоинствено пречекан од нашиот отец и игумен, Архимандрит Партениј, со целото монашко братство и присутните верници, според манастирскиот чин за пречек на државни и општествени великодостојници, информираа од Бигорската обител.

Откако отец Партениј се заблагодарил на посетата на високиот гостин, нагласил дека честа е уште поголема бидејќи посетата се остварува набрзо по потпишувањето на Договорот за добрососедство меѓу Република Македонија и Република Бугарија, „земји што имаат толку многу заеднички нешта кои ги поврзуваат во нераскинлива духовна врска“.

– Ние, како монашко братство што непрестајно работи на зајакнување на братољубивите врски меѓу нашите два братски народа, македонскиот и бугарскиот, искрено веруваме и се надеваме дека по склучувањето на Договорот, Бугарија ќе му помогне на својот најблизок сосед Македонија да ги надмине тешките искушенија исправени на нејзиниот историски пат, таа да може успешно да опстои како држава во своите физички граници, без да бидат повредени нејзините културно-народни обележја, посакал отец Партениј, по што го запознал гостинот со историјата, содржината и евангелската мисија на Манастирот.

Главчев, со восхит и вдахновение што можеле да се забележат од неговото лице, како што посочуваат од Бигорската обител, длабоко се заблагодарил за топлиот прем, искажувајќи ја својата подршка за благородната мисија на Манастирот.

– Со голем трепет сум денес тука. Го прочитав вашето послание што излезе веднаш по потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Бугарија и Република Македонија. Јас, навистина, немам прочитано нешто повозвишено, почисто од таа реакција во врска со Договорот. Денес, во разговорот со Претседателот на Собранието и Премиерот на Република Македонија, кажав дека додека има духовен мост меѓу двата народа, на политичарите не им останува ништо друго освен да не не попречуваат. Не мора ни да помагаат, треба само да не попречуваат. Што останува, пак, ако и помагаат! Кога го има духовниот мост, духовната сврзаност, се друго што останува – која било друга поврзаност е лесна: и патишта, и инфраструктурата, и секоја друга поврзаност се постигнува лесно… Денес јас ја имам честа да бидам овде, во јадрото на духовноста во Македонија. Ви благодарам многу за таа чест, изјавил Главчев.

Тој на отец Партениј му подарил икона од Свети Јован Крстител, нагласувајќи ја целосната подршка на Република Бугарија кон Република Македонија.

– Двете држави и нивните народи имаат света одговорност пред историјата и предците да си помагаат и да се почитуваат еден со друг, нагласил Главчев.

Ова е прва посета на висок државник на друга земја што ја посетил Бигорската обител во последно време.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Бугарија повторно има преодна влада, на избори оди на 9 јуни

Романија и Бугарија делумно влегоа во Шенген зоната

Нов земјотрес ја стресе Бугарија

Бугарија оди на нови избори

Претставници од Бигорскиот манастир иконата на Св. Георгиј Победоносец ја однесоа во светогорскиот манастир Ксенофонт

Предраг Петровиќ

Во Бугарија не е постигнат договор за нова влада